| контакт | маркетинг
ФУДБАЛ

13.10.2017

Лош старт, одличен финиш

Екс селекторите Ѓоре Јовановски, Мирсад Јонуз и Ѓоко Хаџиевски во анкетата на „Македонски спорт“ се согласуваат во едно. „Имавме катастрофален старт, но финишот беше добар“, велат едногласно, истакнувајќи дека селекцијата може и подобро од ова во моментов

По завршувањето на квалификациите за СП во Русија 2018 година, „Македонски спорт“ направи анкета со тројца екс селектори, кои го оценуваат нашиот пласман, игрите и резултатите...


Ѓоре: Потребна ни е стратегија

„Пред почетокот на квалификациите, целта беше да бидеме, ако ништо друго, барем на третото или на четвртото место. За жал, и во овие квалификации, како што беа речиси сите од осамостојувањето, завршивме како претпоследни. Светла страна се само последните натпревари, односно овој втор дел, каде што освоивме многу бодови. Со изјави нема да направиме ништо, туку треба да се направи една длабока анализа.
Сакам да кажам дека ни се потребни план и стратегија. Без тоа, нема ништо. Еве ќе кажам еден пример. Пред 10 години, Исланд губеше од Лихтенштајн по 3:0, а сега Исланд со 300.000 жители беше учесник на Европското првенство и е директен учесник на Мундијалот“.

Јонуз: Моравме да имаме повеќе бодови
 
„Прво, ако се одземат бодовите со Лихтенштајн, кои се неважечки затоа што сите селекции го победија овој противник, и ги споредиме меѓусебните резултати со четирите репрезентации, објективно моравме да бидеме на третото место и да имаме повеќе бодови. Ние имаме само пет бода со другите селекции и повторно сме последни. Внимавајте, во групата, ние имавме селекции како Израел и Албанија, кои според квалитетот се послаби од нас и констатација е дека Италија е на најниското ниво досега. Објективно, мораше да имаме повеќе бодови. Од 2012 година, па досега се направени премногу експерименти. Сметам дека ако имавме подобар и поискусен селектор, без разлика дали странец или домашен, мечевите со Албанија, Италија и со Израел дома ќе ги добиевме. Потенцирам, ние имаме добар тим, но може да се направи уште повеќе. Згора на тоа, надвор постојат играчи што заслужуваат да играат“,

Хаџиевски: Вкупниот биланс не е задоволувачки

„Вкупниот биланс, зборувам за оној бодовниот, според мене, не е задоволувачки. Оваа селекција подолго време игра заедно. Кога јас бев селектор, имавме најдобар пласман, а ако мене ме гледаат со двоен аршин, треба и сега да се гледа така. Треба да се процени дали ова е максимумот од оваа репрезентација или ќе може да одиме во бараж следниот циклус. Ако има гаранција, тогаш би им дал шанса на истите луѓе. Но тука доаѓаме до тоа: што доколку не успееме? Kој ќе одговара тогаш?
Секоја чест за последните резултати, ги почитувам и се колнам дека се радувам од срце, Македонија е добро. Но севкупно во учинокот, ништо не е сменето и тука стоиме во место. Толку би кажал јас“, вели Хаџиевски.

*Повеќе читајте во печатеното издание на „Македонски спорт“



Датум: 13.10.2017, 10:58
Статијата е прочитана 2244 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
22.11.2017
22.11.2017
22.11.2017
22.11.2017
22.11.2017
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense