| контакт | маркетинг
ФУДБАЛ

05.12.2017

Магични бројки зад Шкендија

Супериорно, моќно, доминантно, таков беше стилот на Шкендија во изминатите 18 кола. Дури 15 победи, едно реми и само два пораза, со рекордни 46 освоени бода

На најдобар можен начин, и тоа со 3:0 против Пелистер, Шкендија ја заврши оваа есен од бајките. Супериорно, моќно, доминантно, таков беше стилот на тимот на стратегот Ќатип Османи во изминатите 18 кола. На тие 18 меча, момците во црвено-црно успеаја да слават во 15 наврати, еднаш ремизираа, и тоа со Победа дома, и забележаа два пораза, со Вардар 2:4 во Скопје и со Академија Пандев 2:3 во Струмица. Но на тие два меча, Шкендија беше инфериорна само во едно полувреме, она второто со Вардар. Во Струмица, искрено не заслужи пораз, имаше сѐ во свои раце или нозе, имаше бод в џеб, но сакаше три, а на крајот остана со празни раце.
Овој биланс на Шкендија е најдобриот на некој наш тим во изминатите 15 години по првата полуетапа. Вардар лани освои 43 бода и тоа за малку беше перефекција, тогаш како може да се опише оваа есен од аспект на Шкендија?

Плус 14 бодови во однос на Вардар

И кога играш така, кога победуваш со по 6:1, 6:2, 5:0 и слично, тогаш нормално е да си прв, и тоа убедливо прв, и тоа пред Вардар, инаку сѐ уште актуелен шампион на Македонија. За разлика од минатото, Шкендија знаеше да ги користи слабостите на лутиот ривал за титулата, знаеше максимално да ги искористи сите оние еврообврски на Вардар во ЛЕ. На меѓусебните мечеви, Шкендија во Тетово просто го прегази Вардар играчки и го победи со 2:0, во Скопје, пак, во првиот дел имаше водство, имаше игра, но во вториот дел беше лоша и затоа го загуби тој меч со 2:4. Шкендија го заврши својот настап оваа есен со неверојатни плус 14 бода предност во однос на Вардар. Со оглед на тоа дека вардарци имаат уште два меча за играње, со Академија Пандев и со Работнички, таа може да се намали на 8. Но, сепак, Вардар треба да ги победи и Пандевци и „романтичарите“, и ќе му биде тешко ако игра како што играше досега.

Титулата се смешка

Секако дека треба да се знае следниот податок. Имено, без разлика дали ќе бидат 8 или 9 или, пак, повеќе бодови, Шкендија, веројатно, напролет, во првото коло, на свој терен ќе ја решава битката за титулата. На отворањето на пролетниот дел, Шкендија го пречекува Вардар и во случај на победа, па и на реми, ќе ја направи целата пролет неинтересна битката за шампионскиот пехар. Значи, титулата се смешка, се смешка втората титула во историјата на клубот. Како што тргнала Шкендија, ќе биде чудо, ќе биде еднакво на сензација сезоната 2017-2018 да не биде во знакот на тетовските „црвено-црни“.
Сега е време за славење, за задоволства, за насмевки, за фудбалска радост. Но од таборот на Шкендија велат дека вистинската прослава ќе биде некаде во мај, а може и во април, кога и математички сѐ ќе биде готово. Јасно им е на тетовци дека и покрај евидентните проблеми, Вардар нема така лесно да се предаде.

Во просек, по 3.05 голови на секој меч

Во повеќе наврати истакнувавме дека Шкендија оваа есен просто воодушевува со напаѓачкиот стил на игра. Како никој наш тим досега, Шкендија успеала да постигне 55 гола или, во просек, по 3.05 на секој меч посебно. Ниту еден наш тим во Првата лига во последните 15 години не успеал да има таков висок просек на реализација. Овие бројки посочуваат дека Шкендија може да биде првата, после Вардар во таа прва сезона во самостојна Македонија, која успеала да на крајот да постигне повеќе од 100 гола во една сезона. За да дојде до таа магична стотка, Шкендија ќе мора да го задржи овој просек, а ако го задржи, тогаш на крајот ќе има, верувале или не, дури 110 посигнати гола.

Буба 17 гола, Бесарт 13...

Секоја чест за сите во клубот, во тимот, секоја чест за тренерот Ќатип Османи, но сите овие бројки не можеа да се остварат без тандемот Б-Б, без Ферхан Хасани- Буба и Бесарт Ибраими. Двајцата заедно стигнаа до  бројката од 30 гола, и таа бројка е недостижна за останатите екипи во Првата лига, недостижна и за целиот Вардар, кој на 16 меча успеал да стрела само 28 пати. Тандемот Б-Б е најефикасниот во Европа, овој тандем ја носи Шкендија од победа во победа. И овој тандем меѓусебно бие битка за тоа кој ќе биде прв стрелец во лигата. Хасани има засега 17 гола, а Ибраими 13. Тие од коло во коло ги рушат рекордите, веројатно, нешто слично ќе биде и напролет.

 

 

 



Датум: 05.12.2017, 13:59
Статијата е прочитана 1121 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
23.04.2018
23.04.2018
23.04.2018
23.04.2018
23.04.2018
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense