| контакт | маркетинг
ФУДБАЛ

21.03.2017

ПОД ЛУПАТА: Првата ни е циркус ама втората е срам

Теренот Могила во Прилеп!? Дно за Прва лига! Голот во Тетово е срам за судиите, а случките во Кичево приказна која сите ја знаат, но никој не сака таквите слики да ги снема

Пишува: Игор Д. Ивановски

Основата е тапа, темелите се лоши... Далеку сме ние од нормален фудбал затоа што и по 25 години ни се случуваат ненормални работи. Секоја чест за Победа и Прилеп, но она „стадиончено“ во Могила... тоа е срам! Срам за комплетната Прва лига и нејзината организација. Нарушени се сите критериуми, норми и правила. Кога нешто не може тоа значи дека и не смее. Така и во овој случај. Не бива убавина со сила. Треба да се има услови, треба да бидат сите среќни и задоволни. Вака Победа не победи, сликата од Могила беше очајна (се мисли на теренот), а клубот ќе добие и казна поради влегувањето на маскиран навивач на терен со поранешното државно знаме. Среќа не беше шипка иако потегот е комплетно копиран од „Пољуд“ и скандалот на дуелот Хајдук - Риека, каде исто така влета навивач со маска. Тој настан во Хрватска беше прогласен за голем скандал. Скандал кој и по десетина дена сè уште е топ тема. Кај нас ФФМ покрена постапка. Намерата на маскираната личност не беше да тепа некого. Имаше знаме во својата рака, и тоа е олеснителна околност. Но, за влез на неслужбено лице ќе има казна!? И што сега!? Ќе ѝ се забрани на Победа да игра во Могила!? Таму секако не смее да се игра! Сè додека не се создадат услови. Напори има, вложени се средства во столчиња и ред други работи, но - ТЕРЕНОТ Е ХАОС! Не е убаво ниту за гледање, а најмалку за играње. Ова е фудбал докторе Ингилизов, а не ординација. Фудбалот е за фудбалерите, а медицината за докторите. Кога не знаете не пикајте нос каде што не ви е местото. Реагира првиот човек на Победа зошто теренот во Могила сме го нарекле „стадионче“. Ете, ако ти е меракот и Арена може да го наречеш, но она што го видовме во саботата е срам без преседан. Се надеваме дека ќе успееш да ја спасиш Победа, но треба пари да најдеш... да ги наградиш играчите - тоа е твојата работа! Прилепчани уште еднаш докажаа дека се гладни за фудбал и успеси на својот клуб. Силен клуб се прави со силна управа.
Ако гледаме ваков циркус во елитата што станува збор за Втората лига. Истата е за жалење - никогаш ПОСЛАБА! Дуел на аматери со аматери кои имаат желба догодина да преминат во професионалци. Таму Академија Пандев нема проблем затоа што финансиски е стабилна и како таква сигурно ѝ е местово во елитата. Но, ете и тие „губат“..!? За второто место се борат Скопје, Новаци и Еуромилк. И кој сега!? Треба да излезат два тима од елитата, а да влезе еден кој догодина ќе биде топовска храна. Но, таков ни е системот. Нема бегање од истиот сѝ додека во нашиов фудбал не се спроведат критериуми со цврсти банкарски гаранции.
И сега преминуваме на неделното нисколигашко шоу. Можеби зборот шоу е лесно да се каже пред компјутер, во канцеларија.... Оди во Тетово и Кичево и биди дел од актерите. Ќе ти се замрзнат „јајцата“. Мешаниците во Кичево и победата на Влазерими. Жртвите се од Горно Лисиче и фудбалерите на Еуромилк (и тие збеснале и кршеле додека домашните се радувале на победата). А што очекуваа таму по двата порази на Влазерими? „Милум или силум“ трите бода ќе си останат таму. Не ми е јасна судиската организација. Зошто во Втората лига нема ждрепка за судиите? Па каде со оној Боби Величков од Велес? Кај ќе свири таму, ќотек јаде. Не го бива момчето за судија и точка. Можеби тој беше најсреќен при победата на Влазерими и голот во 95. минута. А Влазерими? Дома се јаки, но на гости си молчат. Тактика „три за три“, но без претходен договор. Вакви дуели во нашата ниска лига има колку ти душа сака. Но, тоа си врви со години и години и никому ништо. Како да се смени кога и делегатите по ваквите „пресметки“ одат по бајачки за уплав. 
На крајот го оставив Тетово и дуелот Тетекс - Тиквеш. Гол, гол... па не е гол! Двапати судијата Влахо, заедно со помошниците, покажа на центарот, а се премисли по жестоката реакција на домашните. Кој рече дека одлуката на судијата е конечна? Ете не било така. И Константин Влахо, се премисли и го поништи голот. Срам! Што друго да се каже. Ех, тој пуст фудбал, за некои има силен ветер во грб, а за други сопки на сите страни. Не бива вака фудбал. Сите пари се исти и сите екипи треба да бидат еднакви. Ако боксовите и силата се пред фудбалските квалитети тогаш сите ние сме го утнале спортот...

П.С. В петок играме со Лихтенштахјн, а во саботата го видов Дејви Главевски. Истиот тој кој даде 3 гола пред 20 години во Вадуц при победата од 11:1. Сега е тренер на младите на Пелистер, кои загубија 5:0 на гости кај Вардар. Ех сега битолчани да имаат голгетер како Дејви. Но, ете и тој не успева да ги создаде, а неговите се далеку зад најдобрите. Пелистер порано беше расадник на таленти, а сега се радува на „петарди“.



Датум: 21.03.2017, 14:32
Статијата е прочитана 6908 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
18.12.2017
18.12.2017
18.12.2017
18.12.2017
18.12.2017
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense