| контакт | маркетинг
ФУДБАЛ

21.10.2017


МЕ НАПАЃАТ САМО ЛУЃЕ БЕЗ КРЕДИБИЛИТЕТ


Интервју со селекторот Игор Ангеловски, за тоа зошто не е омилен кај екс селекторите, за тоа како ги оценува квалификациите за СП но и за многу други работи

 

Почекавме две недели откако завршија квалификациите за СП во Русија 2018 година, за да направиме интервју со селекторот Игор Ангеловски. Доволно време за да слегнат емоциите, впечатоците, за да се направи детална анализа, за да видиме како ќе реагира јавноста и какви ќе бидат критиките, позитивни ли негативни. Особено сакавме да чуеме неговото мислење за тоа како тој ја оценува анкетата на „Македонски спорт“ во која тројца екс селектори го дадоа својот коментар. За тоа како тие ја оценуваат неговата работа и се разбира настапот на нашата најдобра репрезентација на последните  квалификации кои ги завршивме на петтото место во конкуренција на Шпанија, Италија, Албанија, Израел и Лихтенштајн.

ЗОШТО НЕ Е ОМИЛЕН КАЈ ЕКС СЕЛЕКТОРИТЕ?
„Па не знам дали сум омилен или не. Ако тука мислите на вашата анкета, тогаш оставам јавноста да суди. Сепак треба нешто друго да се каже. Имено јас убаво прочитав што сите од екс селекторите кажаа за мојата работа и сакам ова да го потенцирам. Секоја чест за Ѓоре Јовановски и Ѓоко Хаџиевски, наши големи тренерски имиња, и го ценам нивното мислење. Јас со 95% од тренерска фела во Македонија имам супер соработка, взаемно се почитуваме но има некои кои навистина не можам да ги сфатам. Имено тие се луѓе без кредибилитет и тие ме напаѓаат. И ме напаѓаат и критикуваат за нешто што навистина нема врска со мојата работа, селекторска или тренерска. Видете Мрме не е ни најдобар ни најлош селектор, и затоа не прифаќам критика од луѓе кои многу добро и се познати на јавноста што се правеле тие кога биле претходно селектори. Дали има завист или не, не знам да кажам, но знам тие што ме критикуваат неосновано се луѓе кои криеја резултати, кои одеа кај капитенот Горан Пандев да го наговараат да не игра за Македонија. Тие луѓе еден или двајца, биле „обвинети“ од играци дека добиле несто за возврат да ги повикуваат во репрезентацијата. Јас сум тој. Тогаш сум роден, имам толку години и познато е што направив како тренер во Работнички и сега како селектор. И ако веќе критикуваат тоа да го прават за стручните работи а не да ме дисквалификуваат за тоа дека сум бил  премногу млад, неискусен. Толку можам да кажам за нив“ вели Ангеловски.

ЈАС ПОБАРАВ И БАРАМ СОРАБОТКА
Кога сме веќе кај таа соработка или анимозитет кон него, Ангеловски истакнува...
„Кога станав селектор уште вториот ден ги повикав на работен состанок сите екс селектори. Се одѕваа само Ѓоре Јовановски и Зоран Стратев, од оправдани причини не беа Чеде Јаневски и Андон Дончевски. Се разбира дека можам да сфатам зошто не беа Катанец и Тошак. Но никој од другите немаше. На тој состанок сакав да побарам соработка, да го слушнам нивното мислење, да ми го кажат нивното искуство. И сега истото го барам, сакам совети, да ми кажат каде евентуално некои работи може да се поправат на задоволство на сите. Денеска сум јас селектор, утре ќе биде некој друг. Тоа е повеќе од јасно и тука нема дилеми. Нашата тренерска работа е јавна работа која е подложна на критика, но таа да биде усмерена кон тоа да биде подобро во нашиот фудбал и во репрезентацијата пред се. Сакам да соработувам, сакам како што кажав критики но само тие што се однесуваат кон тренерската работа а не да се критикува лично. Имам добра соработка со Тренерска организација, така да не се чувствувам виновен за тоа што се случува на овој план кога веќе ме прашувате“.

НЕ Е ЗАДОВОЛЕН ОД 5. МЕСТО
Се наметнува прашањето дали самиот Ангеловски е задоволен или не од пласманот на 5. место во групата „Г“ за СП во Русија 2018 година.
„Не, воопшто не сум задоволен. Иако треба да се каже нешто друго а тоа е каде бевме на минаттите два циклуса. Имено пред да старуваат квалификациите се поставија како приорите три цели. Првата е да се направи екипа спој на младост и искуство, таа ја остваривме. Втората беше да бидеме конкурентни на сите мечеви, да ја играме нашата игра, да идеме препознатливи со својот стил. Така и беше, па ние со една Италија речиси рамноправно се носевме. На двата меча и дадовме три голови, на таа иста одбрана која на последното ЕО прими само еден гол. Освен со Шпанија на сите останати мечеви бевме во најмала рака рамноправни. Третата беше да се обидеме да бидеме пред Албанија и Израел. Недостигаат еден или два бода и таа цел ќе бепе остварена. Од бодовите релативно сум задоволен. Освоивме 11 бодови колку што на минатите два цилкуси заедно. Од играта сум задоволен, а нашата најдобра партија беше со Албанија во Струмица. Со малку среќа можевме да освоиме три бода повеќе. Да кажам и тоа дека ако во минатото имавме проблеми со аутсајдерите како Луксемург, Андора и др. Ние против Лихтенштајн победивавме убедливо, во ниту еден момент нашата победа не беше доведена под знак прашање. Мило ми е што јавноста ја препозна таа позтивна енергија, како тоа сите ние во репрезентацијата се бориме за дресот со државниот грб. И затоа и покрај поразот од Италија, од Израел ние добивме аплаузи, како тоа со Лихтенштајн дојдоа во Струмица близу 10.000 гледачи. Сето оа ме прави горд и ме уверува дека и јас но и сите ние во селекцијата сме на добар пат. Да, не сум задоволен од пласманот но од некои други работи сум задоволен. Не сакам да говорам за тоа дека на почетокот од квалификациите дека не можев да сметам на младите зошто тие беа потребни на селекцијата до 21. година со која остварија историски успех“.

НАШАТА ШАНСА Е ЛИГАТА НА НАЦИИ
Веќе наредната година играме и во таа Лига на Нациите преку која можеме до ЕП.
„Мислам дека ова натпреварување е нашата шанса. Се среќаваме, односно силите ќе ги одмериме со репрезентации кои се тука некаде по квалитет со нас но и со противници кои се далеку под нас. Затоа сум уверен дека можеме да одиме во следната фаза во Лигата на Нациите. Но за детали останува да се види распоредот, односно ждрепката  која ќе ја добиеме. Но за тоа потоа“.

ОВАА ГЕНЕРАЦИЈА ЗАСЛУЖУВА ПОДДРШКА
Дали се ова што досега го работевте е добра основа за во иднина да дојдат поголеми успеси.
„Да, апсолутно да. Јас сум горд на тоа што го вративме капитенот Горан Пандев кој придонесе да се врати и атмосферата и пиететот кон репрезентатувниот дрес. Кај нас владее семејна атмосфера, сите ни суетите ги оставивме надвор од селекцијата и сите заедно сме решителни да дојдеме до целта. А таа е голем успех во блиска иднина. И затоа оваа репрезентација заслужува голема поддршка од сите. Од јавноста, од екс селекторите, од вас новинарите, од сите. Но најмногу од публиката која треба на секој меч да ја исполнува Арената, трибините да бидат преполни. Со тоа да докажеме дека си ја сакаме репрезентацијата но и самата држава. Овие играчи на кои јас сум горд и среќен што ги предводам едноставно го заслужуваат тоа. Сите тие се големи играчим големи имиња. Сега иаме навистина добра селекција, имаме играчи кои играат во најсилните лиги во Европа. Реков дека има квалитет и тој квалитет кога тогаш мора да даде и адекватен резултат. Оваа генерација има посебен каркатер, момците се супер, сите ние сме како едно, и затоа во 2017 година дојдоа тие позитивни резултати. Еве ние за неполна година скокнавме речиси 80 места на ФИФА листата, но и од вој пласман не сум задоволен. Реално е да бидеме некаде под тоа 60 место. И ова го можат сака карактерни фудбалери кои не мислат само на себе тука на успехот на колективотм на репрезентацијата“.

МАКЕДОНИЈА, ВО ПРЕДЕН ПЛАН, НО МУ НЕДОСТАСУВА РАБОТАТА ВО КЛУБ
И покрај интересот од Грасхоперс и Трабзон, Ангеловски не сака да ја остави репрезентацијата со која има уште договор.
„Како прво јас имам договор со Фудбалската Федерација на Македонија уште две години. Не сум човек што бега, сакам работата да ја завршам до крај. Имено имам незавршена работа со дечките во селекцијата и пред се ниту една понуда не може да се мери со тоа да работиш за својата земја, да бидеш селектор на својата земја. Па има ли од тоа нешто поубаво. Тоа ме прави горд и затоа само Македонија ми е во преден план. Оваа земја ми е во срцето и никој не може да ме отргне од Македонија. За во подалечна иднина не знам какви ќе ми бидат плановите, но засега само Македонија и ништо друго. Ова што го почнавме во репрезентацијата мораме на најдобар можен начин да го завршиме. Нели сум бил млад, па има време“ малку на шега вели Мрме. 
„Ми недостига секојдневната работа како тренер. Тој адреналин што го носи тренерската работа, секојдневни тренинзи, потоа натпревари среда - недела- среда. Но и како селектор си имам обврски, анаизирам, скенирам, патувам кај нашите репрезнетативци во странство и ги посетувам но и ги следам во жуво нивните настапи во клубовите каде штѕо настапуваат. Разговарам со нивните тренери, се во функција на тоа да бидам максимално подготвен кога ќе дојде собирот на репрезентацијата, кога ќе дојдат натпреварите“ рече на крајот Ангеловски.


* Повеќе во печатеното издание на „Македонски спорт“

 


 



Датум: 21.10.2017, 10:22
Статијата е прочитана 2909 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
24.11.2017
24.11.2017
24.11.2017
24.11.2017
23.11.2017
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense