| контакт | маркетинг
ФУДБАЛ

03.11.2017

Буба поефикасен од целиот напад на Вардар

Раритет кога станува збор за головите. Имено Ферхан Хасани, иако не е класичен напаѓач по вокација, досега во есенскиот дел постигна 10 гола за Шкендија. Од друга страна, сите напаѓачи на Вардар постигнале 9 гола

Веројатно, по малку станавме и здодевни со објаснувањата колку значи капитенот Ферхан Хасани за својата Шкендија и колку добро игра оваа есен. Веројатно, во моментов е играч на сезоната во изминатите 13 кола. Но тука има еден друг раритет, кој доволно убаво докажува и покажува со каков квалитет располага Буба, без разлика што покрај себе во Шкендија ги има и Ибраими, Емини, Алими и другите свои соиграчи.
А за што, всушност, станува збор?

Тој сам 10, вардарци заедно 9 голови

Во изминатите 13 кола, Буба сам постигнал 10 гола, од оние 38 погодоци за Шкендија, значи десет се негови. Но тоа е општо познато, непознато или барем недоволно познато е дека, замислете, целиот напад на Вардар има помалку голови дадено од самиот Буба. Тука не го сметаме Фелипе, затоа што тој иако е најефикасен играч на Вардар, сепак, не класичен напаѓач. Полошо за вардаровиот напад е тоа што, искрено, и Буба не е класичен напаѓач по вокација. Па да тргнеме со ред. Нападот на Вардар го сочинуваат следниве играчи: Дејан Блажевски, Тигран Барсегјан, Ацо Стојков, Бојан Колески, Филип Стојчевски, Итало, Максим Максимов и Петар Петковски. Од нив, Блажевски бил стрелец на три гола, Барсегјан на четири и Итало на два. Сѐ заедно, тоа се девет гола, а Буба сам за Шкендија има десет. Навистина поразително е тоа за клуб како Вардар и за напад на еден актуелен шампион.

Затоа е најплатен во мак - фудбалот

Од друга страна, ова и не е така преголемо изненадување ако се знае, барем неофицијално, колкави се примињата на Ферхан Хасани во Шкендија. Имено, „Македонски спорт“ во неколку наврати, се разбира неофицијално, пишувал дека на годишно ниво Буба е екстра платен за наши услови. Сепак, немаме официјална потврда за сумата, а се шпекулира со 300.000 евра на годишно ниво или приближно толку. Со оваа сума, тој е убедливо најплатениот домашен спортист кој игра или играл во наш домашен клуб во кој било спорт. И тоа е убаво, затоа што Буба секое евро го исплатува максимално, уште оваа сезона на Шкендија да ѝ ја донесе титулата, сѐ ќе биде идеално и за него и за тој што го плаќа. И затоа се очекува вакво нешто од него, не дека во Вардар играчите не се платени и таму играчите се екстра платени, но далеку се тие суми од онаа на Хасани.



Датум: 03.11.2017, 17:51
Статијата е прочитана 1460 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
24.11.2017
24.11.2017
24.11.2017
24.11.2017
23.11.2017
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense