| контакт | маркетинг
ФУДБАЛ

27.12.2017

Јаховиќ е „кралот“ на стрелците во 2017 година

Голгетерот на Гезтепе постигна 24 гола во изминатите 12 месеци, и е прв меѓу Македонците

Полека изминува оваа 2017 година. Во последните денови од годината традиционално секогаш се сумираат впечатоците од изминатите 12 месеци. А, дека фудбалот се игра за голови, тоа е сосема јасно. Затоа во овој текст „Македонски спорт“ ќе Ви ги понуди бројките на најдобрите стрелци во изминатата година. Ќе може да прочитате кој колку голови постигнал, во кои натпреварувања во своите клубови, и кои се на првите 10 места на стрелците.
„Кралот“ на стрелците, односно македонската „златна копачка“ е Адис Јаховиќ, кој што сезонава убедливо е пред сите со своите 24 голови во дресот на Гезтепе. Во првите шест месеци од годината играјќи во втората по ранг лига во Турција, за во вторите шест да игра во турската „елита“ и да продолжи уште посилно во неа, односно стрелајќи против големите Фенербахче, Галатасарај, и целосно да го сврти вниманието кон себе.
Втор на листата е фудбалерот на АЕК Ларнака, Иван Тричковски кој што има постигнато далеку помалку голови од Јаховиќ, односно шест помалку. Тричко се пронајде себе си во дресот на АЕК Ларнака, а тој е еден од ретките кој што оваа година може да се закити со шампионска титула од интернационалците, со оглед на фактот дека неговиот тим е лидер после првиот дел од првенството на Кипар.

СТРЕЛАШЕ ПРОТИВ НАЈДОБРИТЕ

Она што е за Јаховиќ интересно, е тоа што не успеа да му даде гол само на Бешикташ од големите турски тимови. Јаховиќ погоди во дуелот против Галатасaрај од пред неколку дена кога од пенал успеа да се запише во листата на стрелците, претходно исто така погоди против Фенербахче во „ремито“ од 2:2. Исто така Јаховиќ се запиша во листата на стрелците и против Башакшехир, а и против Трабзонспор. Тоа се 3-4 најдобри клубови. Останува само против Бешикташ, а тоа може да го стори и во вториот дел од сезоната, се разбира доколку остане во Турција и да ја „комплетира“ својата голеада против најдобрите екипи во Турција.

ТРИЧКОВСКИ НА ВТОРОТО МЕСТО

Иван Тричковски се најде веднаш зад Адис Јаховиќ на оваа листа на најдобри стрелци за 2017 година. Тричко има помалку првенствени погодоци и од некои кои се најдоа подолу на оваа листа, но затоа, тој има дадено четири гола во Куп, и еден во настапите на АЕК Ларнака во квалификациите во Лигата на Европа изминатото лето. Вкупно Тричковски има постигнато 18 голови во оваа 2017 година, што е за шест помалку од оние на Јаховиќ кој што е убедливо на првото место на листата.

ПАНДЕВ НАЈДОБАР СТРЕЛЕЦ ВО РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА

Горан Пандев, пак, е најдобар стрелец кога станува збор за репрезентативните настапи во оваа година. Голот на Пандев донесе победа против Израел во Хаифа кога по подолго време Македонија оствари победа на гостински терен со подобра селекција. Пандев вкупно постигна четири гола, од кои покрај споменатиот со Израел, стрелаше и против Норвешка на домашен терен во триумфот од 2:0, а два гола постигна во победата над Белорусија до пријателски меч.
Пандев има постигнато осум гола оваа година. Покрај четирите со националниот тим, има три во првенството, односно во Серија „А“, и еден во Купот на Италија во овие изминати 12 месеци.

* Повеќе детали во денешното печатено издание на „Македонски спорт“


ЛИСТА НА НАЈДОБРИ СТРЕЛЦИ ЗА 2017 ГОДИНА
1. АДИС ЈАХОВИЌ (ГЕЗТЕПЕ, ТУР) 24 гола
2. ИВАН ТРИЧКОВСКИ (АЕК ЛАРНАКА, КИП) 18
3. МУЗАФЕР ЕЈУПИ (ОСИЕК, ХРВ) 16
4. МАРКО СИМОНОВСКИ (ЛАХТИ, ФИН) 14
5. МИРКО ИВАНОВСКИ (СЛАВЕН Б., ХРВ) 12
6. ЕЗЏЈАН АЛИОСКИ (ЛИДС, АНГ/ЛУГАНО, ШВА) 12
7. ИЛИЈА НЕСТОРОВСКИ (ПАЛЕРМО, ИТА.) 12
8. ЕНИС БАРДИ (ЛЕВАНТЕ, ШПА/УЈПЕШТ, УНГ) 12
9. АЛЕКСАНДАР ТРАЈКОВСКИ (ПАЛЕРМО, ИТА) 9
10. ГОРАН ПАНДЕВ (ЏЕНОВА, ИТА) 8

 



Датум: 27.12.2017, 13:11
Статијата е прочитана 689 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
21.01.2018
21.01.2018
21.01.2018
21.01.2018
21.01.2018
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense