| контакт | маркетинг
ФУДБАЛ

05.08.2018

Ангеловски: Фенер и Милан се награда за Вардар и за Шкендија

„Со своите игри и, пред сѐ, резултати, секако дека Вардар и Шкендија ги заслужија гостувањата и дуелите со Фенербахче и си Милан. Август е месец на спектакли, за само неколку дена во Македонија во живо ќе ги гледаме Реал, Манчестер, Фенер и Милан“, вели Ангеловски

Кога доаѓаат клубови како Фенербахче и Милан во Скопје, во Македонија, секако дека тоа е настан од прв ред. Особено кога доаѓаат да играат против нашите најголеми и најпознати клубови како Вардар и Шкендија, кои имаа и имаат одлични настапи во Европа ова лето. И тоа се случи, во плејофот во ЛЕ големите Фенер и Милан ќе играат против Вардар и Шкендија. И тоа на задоволство на сите љубители на фудбалот во Македонија, па и на задоволство на селекторот на нашата најдобра репрезентација, Игор Ангеловски, кој има свој коментар за сите овие евромечеви, но и за тоа како го оценува настапот на Вардар и на Шкендија досега во фудбалска Европа. 

МЕСЕЦ НА ФУДБАЛСКИ СПЕКТАКЛИ
„Ова ќе биде месец на фудбалски спектакли. За само неколку дена, тука, во Скопје, во овој август ќе гостуваат прво Реал и Манчестер јунајтед, а потоа и Фенербахче и Милан. Јас сум среќен исто како и сите останати искрени љубители на фудбалот и фанови на Вардар и на Шкендија, но и како фановите на тие четири европски гиганти во нашата земја, кои ги има многу. Овој август ќе биде месец за паметење, месец во кој ќе уживаме во секој поглед. Останатите земји, особено од опкружувањето, може само да ни позавидат. Да кажам дека со своите игри и, пред сѐ, со остварените резултати досега, гостувањата на Фенер и на Милан се како награда за Вардар и за Шкендија. Тие ги заслужија овие гостувања во целост. Не е мала работа прво во живо да ги гледаш Реал и Манчестер во Суперкупот на УЕФА, а потоа и мечевите Вардар - Фенербахче и Шкендија - Милан“, вели Ангеловски.

ПОУБАВО, НО И ПОТЕШКО НЕ МОЖЕШЕ
Секако дека и тој многу добро знае кои се фаворити на овие два двомеча, но вели дека никој не смее да им ја одземе надежта на нашите „црвено-црни“ дека, сепак, може да дојдат до групната фаза од Лигата на Европа.
„Поубаво не можеше, но, во исто време, и потешко не можеше. Да не зборувам кои се Фенер и Милан, кои се тие клубови и што значат не само во своите земји Турција и Италија туку и на Стариот Континент и во светот. Но Вардар и Шкендија поседуваат квалитет, имаат свои амбиции и ако се знае дека во последно време изненадувањата во Европа се можни и не така ретки, и во двете екипи мора да сфатат дека во фудбалот сѐ е можно, можни се изненадувања и сензации. Особено на домашен терен, на преполната арена во Скопје, и Вардар и Шкендија може да остварат поволен резултат. Бодрени од 35.000 гледачи, секако дека сѐ е можно“.

Целото интервју прочитајте го во печатеното издание на „Македонски спорт“



Датум: 05.08.2017, 08:57
Статијата е прочитана 2052 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
19.10.2017
19.10.2017
19.10.2017
19.10.2017
19.10.2017
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense