| контакт | маркетинг
ФУДБАЛ

15.08.2018

Охрид зјае празен, од Анталија е „згазен“

Иако своеврмено во Охрид доаѓаше половина српска лига, како и албански прволигаши, а да не говориме за нашите, сега во овој туристички центар речиси и да нема фудбалски колективи кои се на подготовки.

Немањето државна стратегија како водечки мотив во поедини сегменти од живеењето на Македонија како самостојна држава прави да нашиот национален интерес многу често е сериозно доведен во прашање. Во суштина секогаш самите сме си виновни за се, па и во случајот со немањето визија од еден наш туристички центар да направиме центар за подготовка на спортски колективи од светски карактер. А за тоа сите добро занеме дека ги имаме сите услови, барем од климатска гледна точка. Кога се става ова прашање на маса, секако дека во прв ред станува збор за нашиот најголем туристички центар Охрид. За овој наш туристички бисер, ниту поранешната држава, а ниту пак Македонија како самостојна земја не најде средства, немаше ниту визија од него да направи големо собиралиште на спортски колективи, и да има сериозен финансиски бенефит од тоа.
Охрид години и некако живуркаше на оваа тема, привлекувајќи барем локални екипи, кои доаѓаа секоја зима тука, но овојпат, годинава е доживеан тотален крах. Единствени српски екипи кои годинава ќе пристигнат во Охрид се Јавор и Мачва. Само како илустрација, минатата година пристигнаа, минимум пет екипи. Бројката од година во година се намалува, а наскоро за жал и веројатно нема ниту да има екипи на подготовки во Охрид. Нашите прволигаши пак ќе имаат само еден претставник во тимот на Ренова. И толку. Нема ниту, албанци, нема ниту срби нема ништо. Горенаведените три екипи и по некој наш второлигаш кој едвај ќе смогне сили за еднонеделен престој во Охрид. И то је то. Што би рекол еден наш поранешен национален селектор. Причини зошто е ова така, има безброј, но главната е една и единствена. Нема инфраструктура. Поточно, нема фудбалски терени. Постои градскиот стадион во Охрид, и еден терен со вештачка трева. Истите немаат капацитет ни оддалеку за сериозни подготовки на сериозна екипа, па нормално е да биде вака како што е.

НЕ ДАЈ БОЖЕ ДА ЗАВРНЕ

Многу често во минатото, со оглед на временските услови во нашата земја, можеше да се случи во Охрид да заврне снег или дожд. Е тогаш беше „пиши пропало“ на подготовките. Теренот во очајна состојба, нема тренинзи нема мечеви. Од друга страна пак минатата година во еден ден се случуваше да се одиграат четири меча на еден терен, еден по друг. На природна подлога сите знаеме што значи тоа. Кал, ништо друго.

КАДЕ СЕ КРУШИНО, НЕГОРСКИ БАЊИ, „ИСТАТОВ“!?

Своевремено сите македонски екипи се подготвуваа дома. Имавме ние тренинг центри и тоа солидни за тоа време но никој како и за Охрид не се погрижи тоа да прерасне во нешто поголемо, туку напротив се дозволи се да изумре и да згасне. Кога Слога Југомагнат беше шампион, база за подготовки беше Крушино, место близу Кичево. Негорски Бањи пак беше база своевремено на Работнички. Дојран и хотелот Истатов сеуште е на мапата што се вели има солидни услови за работа, но и таму ретко веќе кој доаѓа особено од странство. Ниту таму државата не најде за сходно да помогне и од ова туристичко место да направи нешто посериозен тренинг центар.

АНТАЛИЈА Е СВЕТЛОСНИ ГОДИНИ НАПРЕД

Некогаш заминувањето на подготовки во Анталија за наши фудбалски услови беше сериозен луксус. Авионски карти, патувања, претстој во ексклузивен хотел, пријателски средби. Сето тоа чини пари, но во последно време ете македонските екипи имаат финансиска моќ тоа да го издржат. Не дека станавме сите богати, туку и самите подготовки во Анталија станаа достапни за сите. А таму? Е таму кој не бил пропуштил многу. Ревија на фудбалери, екипи, и квалитетни мечеви зачинети со примеси од целиот свет. Буквално. Илјадници екипи,  илјадници мечеви. Услови идеални. Секој хотел, а нив ги има безброј има сопствен тренинг центар, терени, комплекс. Спаринг партнери за пријателски средби на претек, може да се бира со кого да ги одмериш силите. Турците одамна сватија дека зимските подготовки на фудбалските екипи е сериозен, бизнис вреден милијарди, па се зафатија со инвестиции, градби. Она што некогаш било ниви и поле со садници, сега во Анталија се фудбалски терени каде што престојува кремот од фудбалска Европа. И конечно. Таму престојуваат стотици менаџери и агенти за трансфери каде што на илјадници фудбалери им се има променето животот по само еден одигран натпревар.

БАНСКО НЕ „УТЕПА“ ЛЕТНО ВРЕМЕ

Ако пак во зимскиот период ете не можеме да се носиме со Антаија, што станува за летниот!? Веќе светскиот туристички центар Банско во Бугаррија, зимно време е скијачки центар, а летно полека но сигурно станува база за фудбалски подготовки. Нашите прволигаши во старт, како Пелистер и Победа на пример веќе неколку години заминуваат таму, а бугарите веќе на големо подготвуваат и градат фудбалалски терени. Хотели и идеални временски услови таму, вопштон и не треба да бидат тема, што значи дека Банско полека но сигурно ни ги презема екипите за подготовка во летниот период. Чаре? Вложување во терени, инфраструктура и ништо друго.

МАВРОВО ПОГОДНО ЗА АЛБАНЦИ ЗА НАС НЕ!?

Конечно, Маврово е нашата алтернатива за Банско, тоа е нашиот најголем зимски туристички центар. Таму има само еден фудбалски терен но и тој колку толку врши работа. Албанските прволигаши често престојуваат таму, во летниот период за разлика од нашите кои повеќе претпочитаат да останат дома, одколку да заминат во Маврово. Епа како е можно, албанските  екипи, кои реално се финансиски и помоќни од нашите да имаат повеќе сенс и визија, а ние при реално добри услови за подготовка да не користиме нешто што народски кажано ни е од бога дадено. Од друга страна пак, македонските кошаркарски и ракометни селекции често се во Маврово.

ОХРИД КАЈ ШУТ, ПА И СКАП

Не само што во Охрид како тренинг центар не ги дава оптималните услови за работа, цените со кои се нудат објектите за користење за македонски, или пак ако сакате за балкански услови воошто не е ефтини. Само за илустрација, еден одигран меч на градскиот стадион чини двеста евра, плус трошоците за судиската тројка, а пак еден тренинг одработен на истиот терен чини сто евра. Што се однесува пак до цените во Анталија, тоа е во договор со менаџерските агенции кои го организираат престојот таму, и често знае да биде симболично.


ЈУГОСЛАВИЈА СЕ ПОДГОТВУВАШЕ ВО ОХРИД, А СЕГА!?

Своеврмено југословенската фудбалска репрезентација летото 1982 година на чело со селекторот Миљан Миљаниќ, мина двонеделни подготовки токму во Охрид подготвувајќи се за Мундијалот во Шпанија. Епа, погледнете ја целата оваа ситуација од таа гледна точка. И тогаш истата таа репрезентација на Југославија се подготвувала на истиот стадион во Охрид, како и сега. Триесетина години подоцна, во овој град не е направен друг фудбалски терен, освен оној во времето кога на чело на фудбалската федерација беше Љубисав Иванов и оној вештачкиот кој веќе го споменавме. И ништо повеќе.


 



Датум: 15.01.2018, 14:31
Статијата е прочитана 2524 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
22.02.2018
22.02.2018
22.02.2018
22.02.2018
22.02.2018
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense