| контакт | маркетинг
ФУДБАЛ

04.02.2017

ВИКЕНД ТЕМА: Клубовите сега (не) сакаат ждрепка

Првичната согласност со идејата на ФФМ, која мора да се каже дека е добра и сосема на место, како да спласнува. Неофицијално дознавме дека досега најмалку два клуба биле недвосмислено против судиите за натпреварите од Првата лига да се ждребуваат

Не секоја идеја е добра и не секогаш истата треба да биде прифатена со консензус. Но, ако таа е добра и ако првично за неа дадеш согласност а потоа се предомислуваш, е тогаш некои работи не се како што треба. Имено, со цел клубовите, и тоа некои, да престанат да се жалат на судиите преку медиуми како и колку се оштетени, Фудбалската федерација на Македонија пред извесно време им предложи на клубовите една работа, но многу важна работа. А таа е судиите кои за натпреварите од Првата па и Втората лига место да се делегираат како што беше досега, тие да се ждребуваат. Овој предлог им беше предочен на претседателите на прволигашките клубови на состанокот во Куќата на фудбалот минатиот петок, и клубовите, барем такви беа нашите информации, немаа ништо против таа идеја. Но, сега, тука мислиме на последните два-три дена, работите како да се менуваат. Но, за тоа подоцна.

ИДЕЈА ЗА КОЈА ФФМ ТРЕБА ДА ДОБИЕ ПОДДРШКА
Оваа идеја е добра, оваа идеја, барем така мислат челниците на Фудбалската федерација на Македонија е сосема на место. И таа треба да биде прифатена, се разбира дека некои работи треба да се модифицираат, но вреди барем детално да се разгледа истата. Таа треба да добие поддршка, и тоа не само од клубовите туку и од јавноста. И веќе еднаш засекогаш да се престане со онаа  девиза за тоа дека некои клубови се протежирани а други секогаш оштетувани. Инаку, сите себеси си се ставаат во вториот кош, како оштетени. Некои, пак, дури и претеруваат со таквите тврдења.

НАЈМАЛКУ ДВА КЛУБА ПРОТИВ
Ново е тоа, да се навратиме од воведот на овој текст, што сега најмалку два клуба се апсолутно против судиите во пролетниот дел да се ждребуваат. Тие два клуба, барем засега се два а има најави дека ќе  има уште, сакаат и натаму судиите да ги добиваат по пат на делегирање. И без разлика што првично побарале да се воспостави ждрепка. Се разбира дека не е коректно да се кажат кои се тие клубови, а тоа е и интерна работа во разговорите меѓу ФФМ и клубовите, но ако некој од двете страни излезе јавно со листата на тие клубови јавноста сигурно дека ќе биде изненадена. Барем онаа јавност која не е толку добро упатена. Сепак, најголемите не се на таа листа, тие не се грижат премногу кој им суди, свесни се за својата моќ.


ИЛИ СИТЕ „ЗА“ ИЛИ НЕМА ДА ИМА ЖДРЕПКА
И тука настануваат проблемите за Фудбалската федерација која упорно и со право ја бутка оваа идеја околу ждрепката сметајќи, исто така со право, дека оваа идеја е сосема коректна и на место. Имено, став на ФФМ е дека ќе има ждрепка, но само по услов ако сите 10 клубови во Првата лига се согласат со тоа. Ако макар еден од тие десет е против, тогаш делегирањето и натаму останува на сцена. Значи сега клубовите како да не сакаат ждрепка, односно некои клубови тоа не го сакаат. Зошто е тоа така, самите си знаат. И од ова излегува дека оваа идеја на Фудбалската федерација на Македонија ќе пропадне. Значи како што засега стојат работите ждрепка можеби ќе има, но за следната сезона. Тешко дека на две недели до стартот на пролетниот дел некои работи врзани за оваа проблематика би се решиле или измениле.

ЛИСТА НА ПРВОЛИГАШКИ СУДИИ
1. ДИМИТАР МЕЧКАРОВСКИ (СКОПЈЕ) 16 натпревари
2. АЛЕКСАНДАР СТАВРЕВ (СКОПЈЕ) 15
3. МАРЈАН МАРКОСКИ (ОХРИД) 10
4. ДЕЈАН ЈАКИМОВСКИ (СКОПЈЕ) 9
5. МАРЈАН ЕЦКОСКИ (ОХРИД) 8
6. ЈОСИП БАРТОН (СКОПЈЕ) 7
7. ДАЛИБОР ЃОРЃЕВСКИ (КУМАНОВО) 7
8. СТОЈАНЧЕ СТОЈАНОВ (ШТИП) 5
9. ЗОРАНЧО ТЕМЕЛКОВ (КАВАДАРЦИ) 3
10. ПЕТАР МАНТЕВ (НЕГОТИНО) 3
11. ВАСКО МАВРОВ (СТРУМИЦА) 3
12. ФАТОН МУСТАФИ (ТЕТОВО) 2
13. МАРЈАН ГОЦЕВСКИ (СТРУМИЦА) 1



Датум: 04.02.2017, 14:42
Статијата е прочитана 2385 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
22.10.2017
22.10.2017
22.10.2017
22.10.2017
22.10.2017
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense