| контакт | маркетинг
ФУДБАЛ

23.10.2017

Мрме за Пандев, Јаховиќ, Адеми, Алиоски, Милевски...

Селекторот Игор Ангеловски во интервјуто за „Македонски спорт“ се осврна и на поедини дилеми во нашата најдобра репрезентација

Дали капитенот Горан Пандев ќе продолжи да игра, дали Јаховиќ и дефинитивно е во аут, секако за враќањето на Адеми, за тоа каде е најдобро Алиоски да игра. За сите овие дилеми селекторот Ангеловски даде свој коментар во саботното интервју за „Македонски спорт“.

Само Пандев е привилегиран

„Најголемата заслуга за враќање на атмосферата е кај Горан Пандев и неговото враќање во тимот. Неговата големина како фудбалер и, пред сѐ, како човек треба сите да ја следат. Неговите човечки и играчки квалитети треба да им бидат пример на сите, и верувајте дека се. Тој со својот однос е пример како треба да се однесуваат останатите. Само тој е привилегиран, сите  го знаат тоа и тоа од моја страна им беше кажано на играчите, но тој тие привилегии не ги користи, напротив. Знам дека ќе се обиде да игра и во иднина, ќе биде тука, во селекцијата, ќе видиме“.

Јаховиќ сам се изјасни

„Мислам дека сега е депласирано да се зборува за Јаховиќ и за тоа дека тој нема повеќе да биде повикуван од репрезентацијата. Па тој самиот се изјасни дека нема веќе намера да игра. И јас ја почитувам таа негова одлука и затоа нема да го повикувам. Тој кажа што мисли, сакам само од позиција на селектор да му се  заблагодарам за сето она што го направи за репрезентацијата, за неговите игри, за головите, за односот кон играчите и кон селекторот. Секако, на крај да му посакам сѐ најубаво во кариерата. Не се спорни неговите квалитети како фудбалер, но... сепак, не сакам веќе да зборувам за играч кој уште еднаш, по онаа епизода кога Ѓуровски беше селектор, да каже дека не игра за репрезентацијата. Оваа репрезентација нема да биде заложник на кој било поединец“. 

Адеми е супер карактер

„Мило ми е што по голот со Лихтенштајн Аријан Адеми дојде кај мене заедно да го прославиме. Тој е супер карактер, позитивна личност. Ме радува тоа што се врати на голема врата, само тој знае низ сѐ што мина кога неоправдано беше отстранет од фудбалот. Но верувам дека тоа за него ќе биде дополнителен мотив да биде уште подобар. Да се мине низ една таква голгота, тоа го може само човек со голем карактер. Колку што можев, му помогнав, постојано бев во комуникација со него и тој го памети тоа и затоа дојде кај мене по голот во Струмица. Треба ли да се каже што ќе значи тој за нашата репрезентација“.

Алиоски, Хасани...

„И јас ја следам дебатата во јавноста, во медиумите околу тоа каде му е вистинското место на Алиоски. Тој е нашето фудбалско богатство, тој е еден од ретките во нашиот табор кои може да играат на повеќе места во тимот. Многу добро знам дека најдобро за него е кога ќе биде на десната страна во нападот, но, исто така, тој може да игра, ако јас оценам така, и на левата страна во средниот ред. Сѐ во зависност од формацијата, тактиката, јас морам да мислам на целиот тим, а не на поединецот. Истото тоа се однесува и за Хасани, и тој може да игра и во средниот ред, но и во нападот, како што игра во Шкендија. Но и тој ќе биде во тимот на она место каде што ќе оцениме дека ни е најпотребен во даден момент“.

Нема селекторска војна

„Морам одговорно да кажам дека нема селекторска војна на релација Ангеловски - Милевски. Јас мојот колега од младата репрезентација необично го ценам, па тој ја одведе селекцијата до 21 година на едно големо натпреварување. Некаде прочитав дека ние сме си ставале сопки, дека меѓу нас се води војна и слично. Тоа се лаги, ние со Милевски заедно игравме во Цементарница и оттаму нѐ врзува меѓусебната почит. Пред секое објавување на списокот, ние се консултираме, бараме мислење еден од друг. Крајно кортектна соработка имаме, тука нема збор.

Елмас ќе игра во мегаклуб

„Елиф Елмас е нашиот дијамант, нашиот бисер. Јас најдобро го познавам и тој ќе биде еден од нашите најголеми адути во блиска иднина. И тој нема да застане тука, во Фенербахче. Елмас еден ден ќе игра во мегаклуб во Европа“, дополнува Ангеловски.

Атанасов, Чурлинов, Митревски, Фазлагиќ...

„Секако, и натаму ќе давам шанса, кога ќе има можности за тоа, на млади момци да ја почувствуваат атмосферата во најдобрата репрезентација. Тука се Атанасов, Чурлинов, Митревски, Фазлагиќ, но и уште многу други кои се наметнуваат како наши екстра таленти“.

Чекаме на Агим...

„Ме радува фактот дека по цели две години, Агим Ибраими, конечно, има клуб каде што ќе може да го покаже сиот свој квалитет. И секако дека ако ја врати таа стара добра репрезентативна форма, ќе биде повикан. Ние чекаме на Агим, со него сме посилни во нападот, но и како репрезентација во целина“.

Срце ме боли за Тричковски

„Да, навистина ме боли срце за Иван. Замислете како ќе реагира играч кого го загреваш 50 минути и да не го пуштиш да игра. Но тој со ништо не ја нарушува атмосферата, се подреди на успехот на репрезентацијата, и треба да се цени тоа. Секоја чест за Тричковски, голем играч, има направено голема кариера и затоа и во иднина ќе биде повикуван во репрезентацијата. Нам ни е неопходен“.

Во Палермо грешат за Трајковски

„Ако со некого најмногу сум разговарал за овие две години, додека сум селектор, тоа е Аце Трајковски. Имаше повреда, беше надвор од форма, надвор од Палермо, но јас му сугерирав да издржи, затоа што знам што може тој. Според мене, тој е еден од нашите  најдобри играчи. И тоа го покажа со трите гола во серија. Нека видат во Палермо колку грешат во однос на Трајковски“.



Датум: 23.10.2017, 11:27
Статијата е прочитана 4995 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
24.11.2017
24.11.2017
24.11.2017
24.11.2017
23.11.2017
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense