| контакт | маркетинг
ФУДБАЛ

19.11.2017

Ѓоре: Најдобро е да избираат капитените и тренерите

„Да, точно е дека Тренерската организација ги предложи Спировски, Ибраими и Хасани за играч на сезоната, но сметам дека најдобар избор е тоа што го прави „Македонски спорт“, кога за вашиот весник најдобрите ги избираат капитените и тренерите“, вели Ѓоре Јовановски, претседателот на Тренерската организација

Стефан Спировски (Вардар), Бесарт Ибраими и Ферхан Хасани (Шкендија) се предложени од Тренерската организација за играч на сезоната 2016-2017. Ова пред три дена го објави официјалниот сајт на Фудбалската федерација. Значи, сега следува гласање и кој од овие тројца ќе добие најмногу гласови, тој ќе биде најдобар. Значи, за играч на сезоната во изборот на ФФМ ќе биде еден од овие тројца горенаведени.

Се бира играч а не екипа

Инаку, процедурата е следна. ФФМ ѝ наложува на Тренерската организација да се произнесе околу тоа кои се најдобрите.
Инаку, претседател на Тренерската организација е Ѓоре Јовановски, некогашен селектор, еден од нашите најтрофејни и најдобри тренери во историјата.
„Ние, како Тренерска организација, си ја завршивме нашата работа. Имавме состаноци и нашата комисија, која ја сочинуваат неколкумина членови, ги даде овие предлози. Се убедувавме, аргументиравме и нашите предлози се тие: Спировски, Ибраими и Хасани. Да се разбереме, ние избираме најдобар играч, а не најдобра екипа. И јас се согласувам дека во оваа конкуренција, можеби, требаше да биде и Бобан Николов, се знае како одигра во изминатиот период, но, сепак, има место за три предлози. И реков веќе, ова е наш предлог и јас, како претседател на Тренерската организација, стојам зад нашата одлука и ако треба, секаде ќе ја аргументирам. Видете, Вардар беше шампион, влезе во групната фаза во Лигата на Европа, но ќе повторам, ние избираме играч, а не екипа. Ова го повторувам само да нема забуна во јавноста зошто меѓу нашите предлози е еден ексиграч на Вардар и двајца актуелни фудбалери на Шкендија“, вели Јовановски.

Струката треба да се прашува

Секако дека кога има вакви избори, секогаш некој е незадоволен. Сите сметаат дека нивните предлози се најдобри, дека нивните „миленици“ се најдобри, но најдобар може да биде само еден. Многу поважно е како ќе се дојде до тоа да се одбере најдобриот.
Јовановски има свој предлог.
„Секако дека добро е кога струката, односно нашата организација, се прашува околу ова, но јас лично сметам дека најдобар избор, најмеродавен е оној кога ќе те одберат тренерите и капитените. Она што веќе неколку години, на крајот од годината, го прави вашиот весник, „Македонски спорт“. И кога јавно ќе се објави кој за кого гласал. Тука никој од анкетираните не може да се фолира и да гласа за некој свој пријател. И ако се случи тоа, тогаш јавноста ќе негодува или ќе се смее во најлош случај“, истакнува Ѓоре Јовановски.

Седлоски е тренер на сезоната

Гоце Седлоски, екстренерот на Вардар, е најдобриот тренер. Како што неофицијално дознаваме, тој е номиниран за тренер на сезоната 2016-2017. Апсолутно заслужено, познато е што сѐ направи Гоце Седлоски со својот некогашен тим Вардар.

Барди е најдобриот репрезент во странство

Енис Барди е номиниран за најдобар репрезент на македонскиот фудбал во странство. Она што го направи младиот играч за врска за репрезентацијата и за онаа У-21, навистина е импресивно. Да не зборуваме за неговите настапи во Ујпешт Дожа и во Леванте. И оваа номинација е апсолутно заслужена.

 


 

 



Датум: 19.11.2017, 10:44
Статијата е прочитана 1246 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
23.04.2018
23.04.2018
23.04.2018
23.04.2018
23.04.2018
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense