| контакт | маркетинг
ФУДБАЛ

05.03.2017

Прилепски отпор за шампионот

Вардар можеби загуби во Купот, но во првенството има 100% оваа пролет, за разлика од Победа, која најавува дека нема што да изгуби на дуелот со лидерот и со најтрофејниот македонски тим

Оваа сезона Победа му направи доста проблеми на тимот на Вардар во претходните два меча. Меѓутоа, лидерот на табелата им гостува на прилепчани во Охрид во обидот да дојдат до третиот триумф оваа сезона против прилепскиот тим. Натпреварот за шампионот доаѓа по поразот од Купот, и сега е вистински миг за вадење, додека на Победа му требаат бодови во битката за опстанокот во Првата лига. Од тука се очекува интересна битка во Охрид.
Вардар има добра серија од две победи во пролетниот дел, додека Победа скромен старт со еден бод од два меча. Двата тима гледаат оптимистички во продолжението на сезоната. Прилепчани најавуваат дека нема што да загубат, додека од Вардар се свесни дека им е потребен максимум за да дојдат и до третиот триумф сезонава.

ТАЛЕСКИ: НЕМАМЕ ШТО ДА ЗАГУБИМЕ
,,В недела го пречекуваме шампионот. Не сакам да помислам и да се потсетам на тоа како го загубивме последниот натпревар во Скопје. Но, од друга страна, пак, тоа дополнително ме мотивира и крева пред неделното дерби. Нешто слично беше и со Шкендија. Сакам да истакнам дека на секој натпревар пристапот мора да ни биде ист за да дојдеме до позитивен резултат’’, вели голманот Давор Талески.
Фудбалерите на Победа со нетрпение очекуваат да се вратат  како домаќини во својот град, каде за таа цел веќе се подготвува игралиштето - стадионче ,,Могила’’. Треба да издржат уште утре во Охрид. Тоа ќе биде последниот овогодишен натпревар на неутрален терен, односно домаќини на гости. И на овој меч ќе има група навивачи, кои патуваат секогаш и секаде. Со нивна поддршка се верува во освојување барем бод. Секој бод во контото, особено против најсилните ривали, е драгоцен за екипата на Победа.
,,На следниве два натпревари со Вардар и Шкендија ние ќе влеземе без никаков притисок затоа што сите знаеме какви екипи се Вардар и Шкендија. На овие два натпревари ние можеме само да добиеме, а нема што да загубиме. Со добра игра и пожртвуваност мислам дека ќе извлечеме поволен резултат’’, смета Дарко Илиески, стоперот на Победа.

ПРВАКОТ СЕ РЕХАБИЛИТИРА ОД КУПОТ
Вардар ќе мора да го заборави изданието во средата во рамките од Купот на Македонија против Шкендија кога беа поразени од тетовскиот тим и се пред елиминација од најмасовното натпреварување во нашата земја. Меѓутоа, шампионот има две победи во првите две пролетни кола, и од тука кога станува збор за шампионатот Вардарци засега се во добра серија.
„Имавме супер почеток во шампионатот со две победи, над Шкупи и над Шкендија. Натпреварот од Купот не беше вистинското издание на Вардар, но сега посакуваме да продолжиме победнички во првенствените натпревари. Имаме пред нас гостување кај Победа. Знаеме дека противникот ни направи проблеми во првите два меча, и од тука мораме да дадеме максимум и да дојдеме до бодовите. Треба да ја оправдаме фаворитската улога и да победиме в недела“, вели Глигоров за официјалниот сајт на Вардар.

ДВОЈКИ ЗА 21. КОЛО
САБОТА, 14 Ч
СКОПЈЕ: РАБОТНИЧКИ - РЕНОВА 0:0
НЕДЕЛА, 14 Ч
ТЕТОВО: ШКЕНДИЈА - ШКУПИ 
ОХРИД: ПОБЕДА - ВАРДАР 
ШТИП: БРЕГАЛНИЦА - СИЛЕКС 
СКОПЈЕ: МАКЕДОНИЈА ЃП - ПЕЛИСТЕР 

Табела: 1.Вардар 47, 2.Шкендија 40, 3.Работнички 33, 4.Пелистер 33, 5.Ренова 28, 6.Силекс 27, 7.Шкупи 17, 8.Победа 16, 9.Македонија Ѓ.П. 16, 10.Брегалница 10

 



Датум: 05.03.2017, 09:23
Статијата е прочитана 903 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
20.10.2017
20.10.2017
19.10.2017
19.10.2017
19.10.2017
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense