| контакт | маркетинг
ФУДБАЛ

02.09.2017

Израелците стандардно победници

Израелците се едни од најлошите противници за нас, против кои немаме успех ни на репрезентативен ни на клупски план

Ако се гледа традицијата во меѓусебните дуели на македонската репрезентација против Израел, тогаш може да се заклучи дека избраниците на Игор Ангеловски ги очекува „невозможна мисија“ на гостувањето во Хаифа. Статистиката покажува дека Израелците се многу незгоден противник за нас, кој во четирите меѓусебни средби има перфектен скор од четири победи. Во тие четири средби, Израелците имаат постигнато и двојно повеќе голови во однос на нашите репрезентативци, осум наспроти четири.
Особено болен пораз беше тој во последниот меѓусебен дуел, во рамките од овие квалификации, кога Израел славеше во Скопје со 2:1. На оваа средба не беше доволен голот на Илија Несторовски во 62 минута за да се анулира предноста на Израел од 2:0 на полувремето, иако одигравме многу подобро, имавме повеќе шанси, како и неискористен пенал во судиското надополнување. Токму тој пораз во второто коло од квалификациите, во голема мера ги неутрализира поништи нашите шанси за освојување на едно од првите четири места во групата.
Квалификациски двомеч со Израелците имавме и во трката за пласман на Европското првенство во Австрија и Швајцарија во 2008 година. Тогаш, во првиот дуел одигран во Скопје на втори јуни 2007 година, загубивме со 2:1. Стрелец за нашата селекција беше Ацо Стојков, додека головите за Израел ги постигнаа Барак Изтахи и Роберто Колауто. Реваншот го одигравме во Рамат Ган, на 21 ноември истата година, а тогаш Израел славеше со минимални 1:0, со голот на Елијанив Барда.
Четвртата меѓусебна средба на репрезентациите на Македонија и Израел е пријателскиот дуел одигран на 20 ноември 2002 година кога Израелците славеа со 3:2.

РЕЗУЛТАТИ
МАКЕДОНИЈА – ИЗРАЕЛ 1:2
ИЗРАЕЛ – МАКЕДОНИЈА 1:0
МАКЕДОНИЈА – ИЗРАЕЛ 1:2
МАКЕДОНИЈА – ИЗРАЕЛ 2:3

И КЛУБОВИТЕ БЕЗ УСПЕХ
Лоши резултати против израелски противници имаат и македонските клубови во европските натпреварувања. Досега, тимови од Македонија и од Израел играле меѓусебе во четири наврати и во сите четири понатаму поминала екипата од Израел. Притоа, во тие вкупно осум натпревари, македонските клубови имаат само една победа и тоа Силекс во сезоната 1997/1998 од квалификациите за Лигата на шампионите, кога славеше дома против Беитар Ерусалим со 1:0. Сепак, кратовци во реваншот загубија со 3:0 со што го завршија европското учество. Кратовскиот тим имаше нов дуел против истиот противник во рамки на Интертото купот кога двапати загуби со 2:1 и со 4:3.
Во рамки на истото натпреварување, три сезони подоцна, Ренова доживеа два пораза од Бнеи Сакхин со 2:1 и 1:0. Двомеч против израелска екипа имаше и Башкими во 2005 година, но во квалификациите за УЕФА Купот, денс Европа Лигата. Тогаш, кумановци беа двапати поразени од Макаби Петах Тиква со 5:0 и 6:0.



Датум: 02.09.2017, 13:03
Статијата е прочитана 598 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
18.12.2017
18.12.2017
18.12.2017
18.12.2017
18.12.2017
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense