| контакт | маркетинг
ФУДБАЛ

25.01.2018


Николов: И со Видеотон по титула

*Разговор со новиот фудбалер на унгарскиот прволигаш кој што после одличната година, направи трансфер во странство:„Ме чека битка за титулата и во новиот клуб“ вели Бобан Николов

 

И додека еден одличен играч за врска замина од Унгарија, во истата земја дојдоа двајца. Енис Барди на почетокот на сезоната од Ујпешт „слета“ во Валенсија во тимот на Леванте. Веднаш потоа Стефан Спировски беше потпишан од Ференцварош, за македонската колонија во Унгарија да ја зголеми Бобан Николов. Доскорашниот играч за врска на Вардар стави потпис на договорот со Видеотон.
Видетон е клуб кој што се бори за титулата, а исто така и Ференцварош. Токму новите имиња во Унгарија ќе се борат меѓусебно за првото место.
„Дојдов во клуб во кој ме чека уште една битка за титула. Токму тоа го посакував, да одам во тим кој што ќе се бори за првото место и за Лигата на шампионите. Среќен сум што после две и пол години заминав во странство“, рече Николов во разговор со „Македонски спорт“.

Дојдов во голем клуб

Видеотон е тим кој што има големи амбиции во последните години. Секогаш се бори за титулата, а Николов ги кажува првите впечатоци од новата средина.
„Веднаш приметив дека станува збор за голем клуб, најголем во Унгарија. Ги има сите услови тука играчите да напредуваат. Сега сум моментално на подготовки со екипата, и одлично сум примен од моите нови соиграчи. Се надевам дека брзо ќе се вклопам и на секој тренинг и на секој натпревар ќе дадам се од себе да ја оправдам оваа доверба која ми е укажана. Веднаш откако пристигнав разговарав со тренерот Николиќ кој што има своја визија и знае што сака. Сега ни преостанува само добро да се подготвиме и на пролет да влеземе подготвени во битката за титулата“, вели Николов.

Ќе биде „борба“ со Спировски!

Пред само неколку месеци, Бобан Николов и Стефан Спировски заедно во средниот ред на Вардар се „бореа“ да испишат историја на македонскиот фудбал, се „бореа“ за титулата во македонскиот шампионат, и ја освојуваа два пати по ред (Спировски има три пехари). И успеаја во тоа со минувањето на Фенербахче и со пласманот во групната фаза од Лигата на Европа. Меѓутоа животот понекогаш е чуден, и еве сега по само неколку месеци на спротивставени страни ќе се борат еден против друг за титулата.
„Да, чудно е тоа. До пред некој месец заедно се боревме за да направиме успех во Европа, заедно бевме во репрезентацијата, а сега на различни страни ќе се бориме за титулата. Меѓутоа тоа е професионалниот фудбал, тоа е животот кој што никогаш не знаеме што ни носи. Му посакувам на Спировски се најдобро, гледам дека одлично оди со новиот тим, меѓутоа се надевам дека титулата ќе заврши во моите раце на крајот. Ќе биде добра борба, Ференцварош има одлична екипа, но и ние имаме тим кој што може да дојде до првото место“, изјави Николов.


Барди ми даде добри совети


Во Шпанија Николов се сретна со неговиот соиграч од младата и од сениорската селекција Енис Барди.
„Барди играше во Унгарија и добро го познава тоа првенство. Ми даде добри совети, а разговаравме и за репрезентацијата. Тој е одличен фудбалер и му посакав многу успешни настапи во Шпанија. Му благодарам на советите“, изјави Николов.


*Повеќе читајте во печатеното издание на „Македонски спорт“

 



Датум: 25.01.2018, 18:20
Статијата е прочитана 609 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
22.02.2018
22.02.2018
22.02.2018
22.02.2018
22.02.2018
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense