НА ПРВИОТ МЕЧ ОДИГРАН НА ТУРНИРОТ ВО ГЕРМАНИЈА (25-31)

Слабо издание на „Хеиде Куп“, Вардар поразен од Хамбург

По подготовките во Скопје и Словенија, ракометарите на Вардар го имаа денеска првиот пријателски натпревар пред новата сезона.

објавено: 10 август 2018 - 22:01

„Црвено-црните" имаа лош старт на „Хеиде Куп", серијата контролни средби вечерва на турнирот во Германија го започнаа со пораз македонските шампиони од Хамбург со резултат 25:31 (15:16).

Во првото полувреме се водеше еден израмнет натпревар, во кој двете екипи константно се менуваа во водство, а најголемата разлика до која стигнаа беше два гола разлика. Мечот започна со игра гол за гол, а новиот стратег од клупата на Вардар, Парондо во нападот започна со Дибиров, Горбок, Војводиќ, Кисељев, Фереира и Чупиќ, додека на голот беше новото засилување, Дејан Милосављев.

При предност на противникот од 7:6 следеше најдобриот период во играта на Вардар, кога со серија од 3:0 и тоа со головите на Горбок, Скубе и Киселев поведе со 9:7, во 17 минута од дуелот. Наместо да се одлепи, Вардар имаше неколку грешки и промашени зицер удари, што му овозможи на противникот најпрво во 20 минута да го израмни резултатот на 10:10, за по пет минути подоцна да има водство од 12:11, а на пауза да замине со 16:15.

На стартот на вториот дел, противникот постигна гол и зголеми на 17:15, додека во својот прв напад, Вардар намали преку Чупиќ. Многу послабо издание следуваше од страна на Вардарци кои му дозволија на противникот во 39 минута да има највисоки 22:18.

Се направи промена на голманската позиција, Петковски го замени Милосављев, но дефинитивно голманот на Хамбург, Едвардсон ја направи разликата кој со негови неколку интервенции, ја одржуваше предноста од 2-3 гола. Една од причините зошто на крајот се случи прв пораз на нашата екипа во чии редови најдобар стрелец беше Мораеш со шест погодоци.

Вардар: Стоилов 2, Поповски 1, Недановски, Криштопанс 1, Мораеш 6, Скубе 1, Чупиќ 5, Дибиров, Горбок 2, Шишкарев 2, Борозан 2, Војводиќ 2, Кисељев 1, Мишевски, Милосављев, Петковски

В сабота (денеска) од 14:45 часот избраниците на тренерот Парондо ќе играат против тимот на Берлин. Мечевите за пласман се планирани за недела, 12 август.

Потоа, ракометарите се враќаат во Скопје каде треба да продолжат со подготовките, а на 18 август заминуваат за Струга и треба да го одиграат натпреварот од македонскиот Супер куп против Металург.

Најново во Ракомет