НЕМА ВРЕМЕ ЗА ОДМОР

Вардарци не се враќаат во Скопје

По поразот од Келце, прв во Лигата на шампионите, Вардар нема време за тагување, веќе утре му гостува на ППД Загреб во рамките на СЕХА-лигата. 

објавено: 15 октомври 2018 - 10:30

Вардаровата експедиција не се враќа во Скопје по тешкото гостување во Келце. Роберто Гарсија Парондо и неговите избраници денеска треба да пристигнат во Загреб, каде утре ги чека нов дуел од СЕХА-лигата. По поразот од полскиот тим, прв во Лигата на шампионите, ова ќе биде одлична шанса за рехабилитација. 

По пет кола во регионалното натпреварување, македонскиот првак е единствената екипа со максимален ефект. На второто место на табелата е ППД Загреб, кој зад себе го има поразот од Мотор Запорожје во елитното друштво. 

И на оваа средба најверојатно во составот нема да биде Рожерио Мораес кој поради вироза остана во Скопје, а како и до сега Парондо сигурно ќе одмори уште неколку стандардни ракометари. Засега нема информации дали Кристијан Дисингер ќе допатува во Загреб.

Натпреварот се игра утре со почеток во 17:30 часот. 

 

Најново во Ракомет