МАКЕДОНСКИТЕ ТИМОВИ ГО ИГРААТ 3. КОЛО ВО СЕХА

Вардар во Прешов ќе мисли на ЛШ, Металург бара прва радост

Македоснкиот и регионален првак му гостува на Татран Прешов, додека пак Металург на домашен терен го пречекува Нексе во рамките на третото коло во СЕХА-лигата. 

објавено: 9 септември 2018 - 13:00

Вардаровата доминација во СЕХА-лигата треба да продлжи и денеска, на гостувањето кај Татран Прешов (17:35 часот) во рамките на третото коло. Избраниците на Роберто Гарсија Парондо зад себе имаат серија од 28 натпревари без пораз, што пак е рекорд во регионалното натпреварување.

„Црвено-црните“ сезоната ја отворија со две победи во низа (Металург и Железничар), додека пак противникот има една победа и еден пораз.

„Татран игра одлично и има искуство во ова натпреварување. Токму затоа тие ќе бидат максимално мотивирани против нас. Од друга страна ние и натаму мака мачиме со повредите, но нашата цел е да се поакажеме во најдобро издание. Овој дуел ќе го искористиме за да се подготвиме за Лигата на шампиони“, изјави Парондо.

Вториот македонски претставник во ова натпреварување, Металург и натаму нема победа. Стратегот Данило Брестовац немаше старт како што посакува, не само резултатски, туку и играчки. Остана без капитенот Филип Кузмановски, а во составот ги нема ниту Мартин Велковски и Томислав Јагуриновски.

Вечерва (20:15 часот) во Скопје гостува Нексе, кој пак има две победи во низа. 

„Во фаза сме на подготовки за средбата со екипата на Нексе. Ова ни е прв натпревар на домашен терен и прв на кој можеме да се надеваме на позитивен резултат. Очекувам силна поддршка од навивачите. Нексе не е екипа на потценување. Тие немаат огромен буџет, но многу економично ги трошат парите на засилувања, купувајќи играчи кои не се со звучни имиња, но се квалитетни. Нексе во првото коло го совлада ППД Загреб, но ние сепак можеме да се надеваме на позитивен резултат од овој натпревар од 3. коло", рече младиот Милан Лазаревски.

Најново во Ракомет