ВТОР ПОРАЗ ВО СЕХА-ЛИГАТА

Ослабениот Металург со сили за едно полувреме во Брест

Македонскиот вицепрвак, Металург го запиша вториот пораз во СЕХА-лигата, на гостувањето кај Мешков Брест беше совладан со 41:29. 

објавено: 5 септември 2018 - 18:42

Едно добро и едно слабо полувреме за Металург на гостувањето кај фаворитот Мешков Брест не беа доволни за изненадување. Избраниците на Дани Брестовац го запишаа вториот пораз сезонава, на гостувањето кај белорускиот тим беа совладани со 41:29 (17-15).

Слично како на мечот со Вардар, „металурзите“ одиграа добро во првото полувреме, беа достоен противник, но без Велковски и Кузмановски, по ново и Јагуриновски, кој се повреди за време на дуелот, немаа доволно сили да продолжат во ист ритам и по одморот и покрај тоа што домаќинот настапи без ѕвездите. 

По 5:5 и 7:7 на стартот, Металург успеа да поведе со 7-8 во 13. минута со погодокот на Серафимов. Македонскиот вицепрвак се искачи на плус три 8-11 со погодокот на Шилегов, но потоа контролата ја презеде Мешков Брест, на полувремето беше 17-15.

Во продолжение, момците на Брестовац застанаа. За разлика од нив на другата страна домашниот состав набрзина набилда позитива од шест гола, која подоцна беше двоцифрена 38:28.

Најново во Ракомет