РЕГИОНАЛНИОТ ПРВАК ТРГНА УБЕДЛИВО

Малку драма за „шмек“ е новото од Вардар и Металург, старото веќе се знае

Вардар продолжи да доминира против Металург, на првиот меч во СЕХА-лигата славеше со 34-28. 

објавено: 29 август 2018 - 22:17

Продолжува доминацијата на Вардар во пресметките со тимот од Автокоманда (34-28). Фановите на дело имаа можност да го видат новиот состав на македонскиот првак, но и еден поинаков Металург. Избраниците на Роберто Гарсија Парондо не делуваа најмоќно. Разбирливо во тимот ги немаше капитенот Стојанче Стоилов, Игор Карачиќ и Вуко Борозан, а дуелите со „металурзите“ баш и не ги мотивираат во последно време, иако гостите влегоа доста амбициозно, што пак е за пофалба.

Рожерио Мораес беше најефикасниот ракометар во победничкиот табор со осум гола од десет обиди, Дибиров имаше пет гола, на другата страна Јагањац имаше шест погодоци. 

Токму амбициозноста на гостите беше причина за драма во второто полувреме. Во 41. минута дојде до мал инцидент на теренот, Бојан Маџовски не само што направи фаул врз Данис Кристопанс, туку и се обиде неспортски да се пресмета со него. Очекувано се вмеша Тимур Дибиров, кој заработи црвен картон, иста казна заработи и Маџовски. Од ваквиот епилог најмногу „ќари“ Вардар, набрзина ја наполни мрежата на Металург за 26-22 во 46. минута и покрај тоа што остана без Иван Чупиќ, кој пак беше исклучен две минути.

Тука и завршија сите надежи за гостинскиот тим, во 52. минута беше 31-24 во. До крајот беше чиста формалност. 

Мечот почна изедначено, ракометарите на Металург добро се држеа. Вардар дури во 14. минута дојде до позитива од два гола, а потоа во 20. минута со серија од 4-0 дојде на плус четири (14-10). На полувремето резултатот беше 17-15.

Избраниците на Данило Брестовац не паднаа, по одморот изедначија на 20-20 во 38. минута, но потоа се случи инцидентот, по кој Вардар мораше да „нагази“ повеќе и да го приведе мечот во своја корист. 

Најново во Ракомет