ОДЛИЧНА ИГРА ЗА ГОЛЕМ ТРИУМФ НА ТИМОТ ОД АВТОКОМАНДА

КРАЈ НА ЦРНАТА СЕРИЈА: Експлозија на Металург за прва радост (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Металург во седмиот обид успеа да го забележи првиот триумф во СЕХА-лигата, на домашен терен го совлада Татран Прешов со 30-28. 

објавено: 20 октомври 2018 - 21:45

Ракометарите на Металург ставија крај на црната серија од 11 меча без победа. Избраниците на Данило Брестовац вечерва одиграа одличен меч, за првпат сезонава успеаја да бидат констатни во текот на сите 60. минути, на крајот победата над Татран Прешов (30-28) е повеќе од заслужена. 

„Летаа“ младите играчи на македонскиот вицепрвак, не му дозволија на противникот во ниту еден момент да се врати резултатски. 

Дуелот почна емотивно, Металург му подари дрес на Халил Јагањац кој го одигра последниот натпревар. Во продолжение на сезоната ќе игра за Нексе. Хрватскиот репрезентативец постигна шест погодоци од десет обиди. Анте Токиќ со девет гола од 11 обиди беше прв стрелец, Мартин Томовски има десет интервенции.

Металург триумфот го најави во првото полувреме, по кое имаше водство од 15-11. Мечот почна со серија од 3-0, а потоа за кратко време дојде до позитива од пет гола 9-4. Не паднаа избраниците на Брестовац, по одморот продолжија во исто темпо. Татран Прешов на двапат се доближи на минус два, но потоа во 49. минута позитивата беше 25-18, доволна за голема победа.

Најново во Ракомет