Хрватот е самоуверен

Червар: Не сакам ни да мислам дека немаме шанси за Ф4

Хрватскиот тренер на Металург смета дека неговата екипа може да се пласира меѓу првите четири на табелата во последните две кола, по дуелите со Мешков и со Татран

објавено: 7 март 2014 - 11:25

Металург се наоѓа на петтата позиција на две кола до крајот на СЕХА-лигата, со два бода зад Мешков Брест и три помалку од Вардар, но Лино Червар вели дека не се откажува од пласманот во фајнлфор. В недела тимот од Автокоманда игра против директниот конкурент, белорускиот Брест и само победа е опција ако не сака уште сега да се прости со шансите.

„Многу ми зборуваат дека не треба да се нервираме, дека веќе се знае кој ќе оди во ф4, а тоа биле оние 4 екипи пред нас, дека тоа се знаело однапред. Дури и моите играчи го зборуваат тоа, но јас не сакам и нема да верувам во тоа, затоа што немам приична за тоа, тоа би било смешно.

Играме со Мешков, тоа е една легија на странци, има 12 играчи од странство. Таму се тренерот и помошникот од Загреб, потоа Шпилер, Вукиќ, Маркотиќ, сите поранешни играчи на Загреб. Тоа е силна екипа, ќе имаме тежок меч со нив, сега дури се засилија и со неколку играчи на Минск, така што не очекува силен натпревар. Брест игра цврста одбрана и ќе биде силен предизвик за една добра игра. Но и тој ќе биде една подготовка за осминафиналето со Колдинг“, се изјасни Червар на денешната прес-конференција.

Потврди дека Металург повторно нема да биде комплетен. Павел Атман и натаму се рехабилитира, сѐ уште не тренира без топка, а веројатно нема да игра ниту Ренато Вугринец поради проблеми со здравјето. Така што, в недела, од 17:45, Металург со скратени сили ќе се обиде да ги демантира сите и да ги задржи шансите за пласман меѓу најдобрите четири во СЕХА.

Најново во Ракомет