Металург се подготвува за мечот со Нексе

Брестовац: Со помош од публиката одиме на победа

објавено: 7 септември 2018 - 13:30

Во пресрет на мечот од 3. коло на СЕХА лигата против екипата на Нексе, ракометарите на Металург на прес-конференција ги најавија своите очекувања од првиот домашен меч. По двата порази од Вардар и Мешков Брест, момците на Данило Брестовац се подготвуваат за првиот успех во новата сезона во регионалната ракометна конкуренција.

„Одигравме два меча со Вардар и со Мешков Брест кои објективно се многу посилни од нас. Да бидам искрен, доцна се вративме од патувањето во Беорусија и сега сме во почетна фаза на подготовка на дуелот со Нексе. Се надевам дека добро ќе се подготвиме. Мислам дека имаме сили и со помош на навивачите можеме да извојуваме победа на домашен терен".

Еден од ракометарите на нашиот вицешампион, Иван Лазаревски, напомена дека Нексе е исклучително квалитетен тим, а тоа го покажа и со победата над ППД Загреб во 1. коло.

„Уште сме во фаза на подготовка за мечот со Нексе. Може да се надеваме на позитивен резултат, затоа што ова ни е прв меч на домашен терен. Очекуваме силна поддршка од навивачите. Нексе не е воопшто екипа за потценување. Знаат да направат одличен тим со малку пари и со тоа покажуваат одлични резултати. Победата над ППД Загреб во 1. коло тоа го потврдува. Сепак, ние очекуваме прва победа во првиот меч дома."

Мечот меѓу Металург и Нексе е закажан за в недела од 20.15 часот.

Најново во Ракомет