И ИГРАЧИТЕ НЕ МОЖАТ ДА ГО ИЗДРЖАТ БРЗОТО ТЕМПО

Брестовац: Игравме лош ракомет, искрено едвај ја чекам паузата

Црните облаци и натаму се над тимот од Автокоманда. Металург вечерва не успеа да дојде до прв триумф на дуелот со Железничар, беше совладан со минимални 29-30 на домашен терен

објавено: 17 октомври 2018 - 22:32

Црните облаци и натаму се над тимот од Автокоманда. Металург вечерва не успеа да дојде до прв триумф на дуелот со Железничар, беше совладан со минимални 29-30 на домашен терен.

Данило Брестовац имаше многу забелешки за играта на своите момци. Ваквото сценарио на тренерот на Металург до некаде е очекувано, со овие млади играчи засега ова е максимумот.  

„Честитики за победата, сосема заслужена. Имавме многу технички грешки, не бевме добри, немавме добар напад, во одбрана ни фалеше агресивност, немавме брза топка. Со големиот број на технички грешки ракометот денеска не беше убав од наша страна. Едвај ја чекам таа мини пауза, играчите се уморни. Ни фалат двајца играчи, на таа лева позиција. Јас на клупа имам ротација, но имам млади играчи, но прашањето е дали можам да ги ставам 15 или 18 годишни деца Некогаш ми се поважни децата од резултатот. Мора да се разберат играчите дека ракометот е игра на контакт, врзавме неколку фаули тоа даде резултат. Знам дека е тешко, мора да се бориме, мора да работиме. Шпенде ќе биде во составот на следниот меч, па ќе биде полесно за останатите играчи“, рече Брестовац по поразот.

Брестовац и Вујовиќ се согласија со едно - вечерва двата тима приредија лош ракомет.

„Сакам да му честитам на Металург за фер и коректната игра. На почетокот имавме проблем со исклучувањето на Вејин. Немаме екипа, немаме ростер за да издржиме. Имаше многу грешки, па судењето не беше добро за двете стран. Можеби бевме подобри за еден гол, но не видовме добар ракомет. Му посакувам на Металург многу среќа, се надевам ќе остане голем тим каков што беше и дека ќе се среди се, за доброто на македонскиот ракомет", изјави Вујовиќ.

 

Најново во Ракомет