САМО ЕХФ ШАМПИОНАТОТ ВО ГРУЗИЈА ВОДИ ДО ЕП 2020

НИЗОК УДАР ОД ЕХФ: Нема ЕП за победникот на ЕХФ Шампионатот во Скопје, кадетите играат и за младинците

Освојувањето на ЕХФ Шампионатот во Скопје не значи пласман на ЕП У20 во 2020. Победниците на Шампионатите во Грузија и Австрија (кои се играат во моментов) носат билети и за континенталниот собир и У18 и У20. ЕХФ ги смени правилата.

објавено: 13 август 2018 - 16:14

Ладен туш од ЕХФ добија Ракометните федерации на Македонија и на Чешка, кои откако се израдуваа на победите на ЕХФ Шампионатите У20 во Скопје и Подгорица и на пласманот на Европското првенство У20 во 2020 година, добија до знаење дека нема ништо од билет за континенталниот собир.

Ако пред почетокот на ЕХФ Шампионатот во Скопје јасно и гласно беше кажано дека освојувачот на првенството ќе обезбеди директен пласман на ЕП У20 во 2020, ден по завршувањето на возбудувањата во СЦ „Борис Трајковски", европската „куќа на ракометот" тивко ги смени правилата на игра, односно пласман на Европското првенство У18 и У20 во 2020 година ќе обезбедат победниците на ЕХФ Шампионатите во Грузија и Австрија, кои се играат во моментов.

И РФМ и Чешката федерација се непријатно изненадени и реагираа со протестно писмо до ЕХФ, но малку е веројатно дека нешто ќе се смени.

По се изгледа дека во моментов кадетите играат и за младинците. Поточно успех на ЕХФ Шампионатот во Тбилиси на кадетската селекција на Данило Брестовац е тоа што може да ни донесе двоен билет и за ЕХФ Еуро У18, но и за У20.

Резултатите кои засега доаѓаат од Тбилиси ветуваат и даваат надеж дека кадетската репрезентација може да го понесе тој товар, со оглед на тоа дека Македонија на две кола до крајот на групната фаза веќе обезбеди пласман во полуфиналето.

Најново во Ракомет