ТЕШКО Е, НО НЕМА ПРОСТОР ЗА ПАНИКА

Македонија има негатива од еден гол на полувремето

Македонската ракометна репрезентација на полувремето губи со 12-11 .

објавено: 13 јуни 2018 - 18:08

Од Клуж, Марија Ковачева

Ќе биде тешко, рекоа нашите ракометари пред стартот на мечот со Романија. И така е по првите 30. минути во Клуж, Македонија има негатива од еден гол на полувремето.

Натпреварот почна слично како во Скопје, со тоа што домаќинот поведе со 1-0, Чави Пасквал одново се одлучи за „седум на шест“, но ниту сега оваа игра не вроди плод. По водството на Романците, нашите момци вратија со серија од 4-0 (1-4), Манасков и Лазаров постигнаа по два гола. Оваа позитива ја чувавме до 10. минута (2-5).

По погодокот на Поповски во 16. минута за 5-7, се тргна наопаку. Романија направи серија од 5-0 и поведе со највисоки 10-7 во 24. минута, период во кој имавме промашени зицери и голем број на технички грешки. Македонија седум минути беше без постигнат гол, серијата на противникот ја прекина Лазаров намали на 10-8. Противникот врати за 11-8, но Манасков, најефикасниот наш ракометар во првото полувреме со два гола во серија намали на 11-10 во 29. минута. Стоилов од тешка ситуација израмни на 11-11, но Романија сепак на одморот замина со позитива од еден гол 12-11.

Дејан Манасков постигна пет погодоци, капитенот Лазаров три, додека Стоилов, Талески и Поповски имаа по еден погодок во првиот дел. Борко Ристовски, пак, забележа четири интервенции.

Остануваат уште 30. минути до пласманот на СП следната година, веруваме дека Клуж ќе го напуштиме со убави спомени.  

Најново во Ракомет