КАДЕТИТЕ ЕЛИМИНИРАА УШТЕ ЕДЕН ПРОТИВНИК НА ЕХФ ШАМПИОНАТОТ

КОСТЕСКИ ЗА ПОБЕДА: Триумф во последната секунда над Фарски Острови за пласман во полуфиналето (ВИДЕО)

Со погодок во последната секунда крилото Ненад Костески и донесе на Македонија победа над Фарски Острови, 30:29 (16:16) и ја промовираше во полуфиналист на Шампионатот во Тбилиси.

објавено: 13 август 2018 - 12:35

Осум секунди за последен напад на Македонија, добра организација и Ненад Костески од изградена позиција поентира за 30:29 (16:16) победа над Фарски Острови и огромна радост на нашата кадетска репрезентација на ЕХФ Шампионатот во Тбилиси, Грузија.

Трет натпревар, трета победа која всушност и ги промовира во полуфиналисти избраниците на селекторот Данило Брестовац.

За разлика од претходните две кола, сега кадетите понудија драма, со многу осцилации во играта, подеми и падови, а имаа и сериозен проблем со противничкиот голман Јакобсен, кој мечот го заврши со 16 одбрани (три од седум метри).

Првото полувреме го одиграа турбулентно, од -4 (3:7), дојдоа до +4 (16:12) за на полувремето да заминат со егал 16:16.

Во вториот дел константно беа во позиција да бркаат негатива, 18:20, 23:25, но ниту еднаш не се откажаа нашите надежи кои продолжија да пркосат и да ја користат секоја шанса за победа.

Откако Кизиќ го одбрани седмерецот и се избори за зачувување на рамноправни 29:29, Брестовац побара тајм-аут, подели совети, а кога истрчаа на теренот неговите момци знаеја точно што треба да направат.

Беспрекорно одработија, а Костески стрелаше без грешка за триумф и пласман во полуфиналето.

Македонија утре против Швајцарија ќе игра за првото место во групата.

 

Најново во Ракомет