МАКЕДОНИЈА ОД ВРВОТ ОДИ ПО ЕВРО-БИЛЕТ НА ЕХФ ШАМПИОНАТОТ

БЕЗ ПОРАЗ КОН ПОЛУФИНАЛЕ: Кадетите ја „прегазија“ Естонија

„Пет од пет" за нашите кадети во групата А по победата над Естонија, 26:22 (16:7) во последното коло од групната фаза на ЕХФ Шампионатот во Грузија.

објавено: 16 август 2018 - 12:12

Беспрекорен финиш на групната фаза има машката кадетска репрезентација на Македонија која до „пет од пет" победи дојде по триумфот над Естонија, 26:22 (16:7) во последното коло од групата А.

Кадетите со максимален учинок патуваат во полуфиналето, каде ќе се борат за пласман на Европското првенство У18 и У20 во 2020 година.

Естонија се покажа како недостоен противник за тимот на Данило Брестовац, кој одиграа дисциплинирано во првиот дел од мечот и по само 30 минути си ја заврши работата.

Отпорот на Естонците траеше до 8. минута, кога имаа водство од 2:3, за потоа да следи долга серија од 7-1 за предност на Македонија од 8:4 во средината на полувремето. За 20 минути игра во вториот дел кадетите примија само четири гола, што се должи на одличната игра во одбраната и расположениот Василевски на голот. Симоновски ги постави највисоките +9 (16:7) на полувремето.

Во продолжението Македонија рутински си ја заврши работата, одржувајќи константна предност од четири до седум гола. Она што го обележа мечот е дека селекторот Брестовац поголем простор им остави на момците, кои имаа помала минутажа на претходните дуели.

Македонија во полуфиналето закажано за в сабота ќе го чека поразениот од мечот меѓу Италија и Белорусија од групата Б.

Најново во Ракомет