НА РАКОМЕТНИОТ ТУРНИР „СТРУГА 2018“

Констанца на „крилјата“ на Митревски го запре Железничар, Вујо изненаден од Шундо!

После две победи на стартот од турнирот, Железничар Ниш го доживеа првиот пораз.

објавено: 17 август 2018 - 22:07

Подобар од избраниците на Веселин Вујовиќ беа ракометарите на романската Констанца кои се предводени од македонскиот тренер Звонко Шундовски со резултат 24:20 (12:9).

Кај српскиот претставник пет голови забележа Спасиќ, еден помалку Вејин, а голманот Димировиќ имаше осум одбрани.

На спротивната страна нашиот голман Никола Митревски имаше 14 одбрани, еден од најзаслужните за бодовите на својот тим, додека дефанзивецот Велко Маркоски запиша еден погодок. Најефикасен беше Чиковани со шест погодоци.

При 19:19 на семафорот, пресудни беа моментите кои им припаднаа на играчите на Шундо кои дојдоа на нивото од првото полувреме. За серија од 3:0 се погрижија Николиќ и Чиковани, а прашањето на победникот го реши Митревски со одлична интервенција после седмерецот кој го изведе Спасиќ. Конечниот епилог го постави Зоран Николиќ.

Констанца има шанса в сабота од 10:00 часот со евентуална победа над домаќинот Струга да се пласира во големото финале на 46. издание на меѓународниот турнир на „Женска плажа".

Најново во Ракомет