ТРЕНЕРОТ КОЈ СТАНА НАЦИОНАЛЕН МИЛЕНИК СИ ОДИ ОД СКОПЈЕ

Раул: Никогаш нема да го заборавам периодот поминат во Вардар

„Во Шпанија кога си ракометен тренер можеш да излезеш на улица и никој нема да знае дека си тренер, а тука во Македонија е сосема поинаку“, вели популарниот „Ел Команданте“

објавено: 16 јуни 2018 - 20:48

Пред неколку години тивко дојде во Македонија, за да биде тренер на РК Вардар. Сега си заминува од Скопје како национален миленик. Тоа е Раул Гонзалез. Тренерот кој донесе многу ракометни радости прво на клупско ниво, а од пред неколку месеци и на репрезентативно ниво. 

Откако успеа со Вардар да ги освои сите најзначајни трофеи, Раул летово си оди од „црвено-црниот“ табор, за да започне предизвик како тренер на францускиот Пари Сен Жермен. Иако оди во Франција, Раул со задоволство секогаш ќе се сеќава на периодот поминат во Вардар и престојот во Македонија.

„Кога дојдов во Македонија, добив поддршка од сите. Од публиката, од клубот, од медиумитие, од навивачите. Тоа беше малку чудно за мене, бидејќи тоа го нема во Шпанија. За разлика од Македонија, во Шпанија може да излезешна улица и никој да не знае дека си ракометен тренер. Тука е сосема поинаку. Сите те застануваат, сакаат да се сликаат со тебе, да поразговараат. Тука сите го сакаат ракометот, кој е спорт број еден, за разлика од Шпанија, каде не е така. Убаво е кога се гледа дека салата е полна и постојано имаш поддршка од навивачите. Тоа е убавината на спортот“, вели Раул во интервју за сајтот на СЕХА лигата. 

Раул и Вардар сезонава не успеаа да ја одбранат титулата во Лигата на шампионите, но ги одбранија останатите три трофеи кои ги освоија претходната сезона. 

„Направивме добра работа, но не и одлична. Вардар заслужено беше на фајнлфор турнирот, но таму не одигра на посакуваното ниво. Горд сум на тоа што Вардар го направи во изминативе години. Започнавме како нов клуб, кој покажа големи амбиции. На крајот успеавме да стигнеме и до титулата во Лигата на шампионите. Во машиот ракомет секогаш е тешко да се биде во Топ 4, бидејќи има 12-13 екипи кои имаат реални шанси за тоа. Ќе го памтам трофејот во Лигата на шампионите со Вардар“, вели Раул, додавајќи дека емотиво се поврзал со салата „Јане Сандански“, која многу пати беше исполнета до последно место, каде се создава прекрасна атмосфера.

Раул си заминува од Вардар и Скопје, но не си оди целосно од Македонија. Тој продолжува како селектор на националниот тим. Успеа да ги одведе „црвено-жолтите“ на Светското првенство 2019 година, каде мисија ќе биде да се избори место и за ЛОИ 2020. 

Најново во Ракомет