ВТОР ПОРАЗ ЗА „ЦРВЕНО-ЦРНИТЕ" НА „ХЕЈДЕ КУПОТ"

НИШТО ОД ТРЕТОТО МЕСТО: Вардар доцна се разбуди и загуби од Лајпциг

Македонскиот првак се држеше во првите 25 минути, потоа имаше долга криза и доцна се врати во ритам па Лајпциг со победа 27:26 (11:8) славеше во мечот за третото место.

објавено: 12 август 2018 - 14:59

Ракометарите на Вардар го претрпеа и вториот пораз на „Хејде купот" во Германија, откако со 27:26 (11:8) загубија во мечот за третото место од Лајпциг.

Во третиот претсезонски натпревар „црвено-црните" се држеше во првите 25 минути, потоа имаа долга криза и доцна се вратија во ритам па бундеслигашот се радуваше на крајот.

Во најголемиот дел од првото полувреме се играше изедначено. Вардарци први се најдоа во водство, со серија од 0-3 дојдоа до 4:6 (15-та минута). Малку му беше потребно на Лајпциг не само да се врати, да изедначи на 8:8, а потоа за пет минути и со три гола во низа да дојде до највисока предност, 11:8 на полувремето.

Бундеслигашот имаше фуриозен влез во вториот дел, додека Вардар делуваше како без идеја во нападот и со сериозни „дупки" во одбраната. Тоа значеше серија од 4-1 на противникот за дотогаш највисоки +6 (15:9), а дополнително „црвено-црните" останаа и без Чупиќ, кој заработи исклучување.

Беа далеку од свои вардарци, кои не функционираа според посакуваното ниту во одбраната, а уште помалку во нападот. Највисоките +7 (20:13) Лајпциг ги достигна во 43. минута.

Се обидоа Скубе, Дибиров и Стоилов да направат нешто. Ја намалија негатива, 23:20, односно 26:23, а потоа со нова серија дојдоа и до еден гол разлика, 26:25, но се немаше ни сила, ни идеја за комплетен пресврт.

Една победа над Фуксе Берлин и два порази од Лајпциг и Хамбург е скорот со кој вардарци се враќаат од првата проверка на силата во пресрет на новата сезона. 

Најново во Ракомет