ПРВ СОБИР НА "ЦРВЕНО-ЦРНИТЕ" ВО НОВАТА ГОДИНА

Вардар тргнува со Парондо и шест ракометари

Шпанскиот стратег ќе присуствува само на првиот собир, додека неговиот асистент Црвенкоска ќе го води тимот низ подготовките.

објавено: 8 јануари 2019 - 12:00

Македонскиот првак Вардар попладнево ќе стартува со подготовките за вториот дел од сезоната, но со скромен изглед.

Шпанскиот стратег Роберто Парондо ќе пречека само шестмина ракометари од првиот тим Владо Недановски, Јања Војводиќ, Грегор Оцвирк, Сташ Скубе, Иван Чупиќ и Даинис Кристопанс. Потоа екипата ќе и ја препушти на неговата асистентка, Билјана Црвенкоска, која ќе го води тимот низ подготовките, додека Парондо ќе патува на СП како дел од стручниот штаб на националниот тим на Македонија.

Вуко Борозан кој се рехабилитира по операцијата на коленото треба да се приклучи на екипата на 10 јануари. Истовремено или ден-два подоцна (во зависност од летовите) и голманот Калифа Гедбан ќе се стави на располагање.

Од оние кои се без репрезентативни обврски последен доаѓа Рожерио Мораес, на 14 јануари, кој исто така закрепнува по интервенцијата на коленото и во моментов е на рехабилитација во приватна клиника во Бразил.

Ракометарите кои ќе тренираат во Скопје, ќе работат на индивидуалната подготовка и ќе го очекуваат комплетирањето на екипата на крајот на месецот, односно кој како ќе завршува со репрезентативните обврски и настапот на СП во Германија и Данска ќе треба да се појави во СЦ „Јане Сандански“.

Првата обврска во вториот дел од сезоната за „црвено-црните“ е во групата А од Лигата на шампионите, кога на 6 февруари гостуваат кај Рајн Некар Левен, а потоа патуваат за Војводина каде три дена подоцна играат натпревар од СЕХА лигата. 

Најново во Ракомет