ШАМПИОНОТ УТРЕ РАНО НАУТРО

Вардар прв во Келн

Македонскиот и европски првак прв ќе пристигне во Келн. Раул Гонзалез и неговите избраници утре рано наутро ќе патуваат со летот Скопје-Дортмунд. 

објавено: 23 мај 2018 - 15:40

Скромни, како и секогаш, без помпезни најави и овој пат заминуваат за Келн, местото каде минатата година пишаа нова клупска историска страница, а оваа година имаат шанса да станат единствени во Европа.

Вардар прв ќе пристигне во Келн. Раул Гонзалез и неговите избраници утре рано наутро ќе патуваат со летот Скопје-Дортмунд, а потоа со автобус до Келн, додека за разлика од лани (кога ги чекавме во вторник) годинава се враќаат во понеделникот (28 мај) со директен лет Келн-Скопје.

Вардар оди храбро, без притисок да „војува“ со Франција. На патот до ново финале стои Монпелје, тим кој беше кобен за многу звучни имиња...Дуелот се игра во сабота со почеток во 18 часот, пред овој меч во првото полуфинале ќе се сретнат ПСЖ и Нант.

Македонскиот и европски првак ќе има поддршка од трибините, во „Ланксес Арената“ засега се најавени околу 1000 фанови. Бројка која е повеќе од доволна за да ракометарите на Вардар летаат на теренот.

Вардарци попладнево ќе го одработат последниот тренинг во „Јане Сандански", а потоа одат во нов поход кон Европа. За разлика од лани, оваа сезона Шпанецот на вардаровата клупа мирно ја кова тактиката за полуфиналниот ривал со оглед на тоа дека нема повредени играчи и здравствени главоболки.

Последните месец дена не беа лесни за Вардар. Прво стигна до „хет-трик" во СЕХА-лигата, потоа го елиминираше Кил и стигна до Келн, одново ги обедини круните на домашната сцена – шампионската и Куп титулата и сето тоа без да се соочи со посериозни проблеми.

Ако на сето она се додаде и премиерниот пехар во Супер купот, кој го освоија пред почетокот на сезоната, она што останува за и 2018 година да добие предзнак перфектна е она главното – пехарот во Лигата на шампионите.

Лани броеја „четири од четири", сезонава нека бидат „пет од пет".

 

Најново во Ракомет