И ОФИЦИЈАЛНО ПОЗНАТА ТРОЈКАТА НА МРЕЖАТА НА ШАМПИОНОТ

Вардар го затвори голманското прашање

На десетина дена пред стартот на подготовките за новата сезона, од таборот на Вардар доаѓа старо-нова информација, но овој пат потврдена. 

објавено: 13 јули 2018 - 08:00

Дефинитивно на голот на Вардар во новата сезона покрај Страхиња Милиќ и Даниел Ѓорѓески, ќе застане и долго најавуваниот Србин со македонски корени Дејан Милосављев.

„Со Милосављев, Џамбо и Даниел се затвора голманската линија", нè информираше извршниот директор на Вардар, Давор Стојаноски.

Милосављев пред два месеци беше во Скопје каде успешно ги мина медицинските прегледи, а сега останува да се завршат сите административни детали пред клубот и официјално да го претстави.

Вардар во новата сезона ќе настапи со променет состав, половина од играчите од златната генерација си заминаа, на чело со Раул Гонзалез, чие место му припадна на неговиот сонардоник Роберто Гарсија Парондо. 

„Црвено-црните“ првиот тренинг ќе го имаат 24 јули (вторник) во СЦ „Јане Сандански". Покрај Милосављев, засега потврдено име е словенечкиот репрезентативец, Сташ Скубе, а се чека и промоција на повратникот Сергех Горбок. 

Македонскиот шампион во новата сезона од Лигата на шампионите за противници ќе ги има бранителот на титулата, Монпелје, Барселона, Келце, Рајн Некар, Веспрем, Мешков и Кристијанштад. 

 

Најново во Ракомет