ИАКО СЕЗОНАВА „ЦРВЕНО-ЦРНИТЕ“ ИГРААТ СО ПРОМЕНЕТ СОСТАВ

Се плашеа од „новиот“ Вардар, и пак ја има најдобрата одбрана во ЛШ!

Претходните сезони Вардар го красеше одличната игра во одбрана, така и овојпат повторно господари пред сопствениот гол. По четири одиграни натпревари во групната фаза, и тоа во двете најквалитетни групи, Вардар ја има најдобрата одбрана.

објавено: 10 октомври 2018 - 13:00

На четирите мечеви забележа исто толку победи и прими само 101 гол. Тоа е најдобро остварување од сите екипи во групите А и Б. Под 110 голови примени на четири средби се само уште ПСЖ (105) и ПИК Сегед (106), но и двата тима се наоѓаат во другата група. Исто така Вардар ја има и третата најдобра гол разлика во групите А и Б, со „плус 15".

Групата А каде што се наоѓаат „црвено-црните" ја нарекуваат и „група на смртта", бидејќи настапува актуелниот европски шампион Монпелје и плус уште три поранешни европски прваци: Барселона, Келце и Вардар. Во групата се уште и Рајн Некар, Веспрем и Кристијанштад.

Избраниците на тренерот Парондо тргнаа со триумф на гостински терен кај Монпелје, 24:27, потоа дома го победија Кристијанштад со 33:25. Сезонава Вардар првпат успеа да триумфира на гостински терен кај Веспрем, 25:27, а потоа во Скопје беше совладан и Рајн Некар на Филип Талески со конечен резултат 29:27.

Вуко Борозан е најдобар стрелец во тимот со 22 гола, пред Иван Чупиќ со 20 и Тимур Дибиров со 18. Руското лево крило двапати беше избран во тимот на колото, а на последниот дуел со Рајн Некар што беше прогласен за меч на колото го доби признанието на МВП.

Од денеска во продажба се пуштени и билетите за следните два натпревари во ЛШ на домашен терен, против Мешков и проив Барселона. Истите може да се купат на билетарницата на СЦ „Јане Сандански" и он-лајн преку www.ticketplus.mk.

Најново во Ракомет