ВО ПРЕСРЕТ НА ПРВИОТ ПРЕТСЕЗОНСКИ ТЕСТ НА ВАРДАР

ПАРОНДО: Има многу поважни работи од резултатот

„Новите играчи да 'влезат' во системот, дефанзивната линија, нападот... Имаме многу поважни работи на кои треба да мислиме сега од резултатот" – потенцира вардаровиот стратег.

објавено: 10 август 2018 - 12:30

Германскиот град Шневердинген е новата дестинација за македонскиот првак Вардар, каде викендов „црвено-црните" момци ќе ја имаат првата проверка на силата во претсезонскиот период.

„Хејде купот", кој вардарци го отвораат вечерва, 20:15 часот, против Хамбург треба да ги даде почетните позиции за Роберто Парондо во пресрет на новата сезона.

Вардар на првиот тест дефинитивно нема да личи на себе. Не само поради фактот што тимот е некомплетен (со еден голман и без еден дефанзивен играч), туку и поради здравствените проблеми во Крањска Гора. Ако на сето тоа се додадат и промените во составот, како и на клупата, буквално сме во прашалници за тоа како ќе изгледа денеска македонскиот првак.

„Најважно во моментов е играчите да 'влезат" во системот, во начинот на кој ќе играме. Ова особено важи за новите момци во тимот. Мојот план е повеќе или помалку сите кои ги имам на располагање да добијат рамноправна минутажа. Мора да пробаме неколку одбранбени линии и како ќе функционираат истите, а од друга страна да го подобриме нападот. Имаме многу поважни работи на кои треба да мислиме сега од резултатот", потенцира Роберто Парондо.

Вардар покрај Хамбург како потенцијални ривали ги има и европскиот првак и противникот во групната фаза од Лигата на шампионите, Монпеље, како и Кристијанштад, Лајпциг и Фуксе Берлин.

Најново во Ракомет