10 ДЕНА ПРЕД СТАРТОТ НА СЕЗОНАТА, ВАРДАР РАБОТИ СО ПОЛА СИЛА

ОД ТЕШКО - ПОТЕШКО ЗА ПАРОНДО: Повреди и само повреди!

Карачиќ, Мораес, Борозан... се на списокот на повредени. Калараш, Скубе, Кисељев, Милосављев... уште се адаптираат. 

објавено: 22 август 2018 - 14:10

И по еден месец подготовки, новиот стратег на Вардар, Роберто Парондо нема комплетна слика за тимот. Шпанскиот стратег има идеја и визија за тоа како би требало да функционираат „црвено-црните" под неговата палка, но на десет дена до стартот на сезоната здравствените проблеми и натаму се актуелни. 

Не може глава да крене Парондо, кој последните тренинзи пред заминувањето на турнирот во Франција (последната проверка на силата пред стартот на сезоната) ги работи со некомплетна екипа. Капитенот Стоилов го пропушти вчерашниот тренинг, Карачиќ веќе трета недела е повреден (оштетена сркавица на градниот кош), Мораес (го пропушти и Супер купот) и Борозан имаат проблеми со колено, па и двајцата работат индивидуално и подлежат на терапија.

Горбок паузирал два дена поради расеченица на јабокницата под левото око заработена при дуел на тренинг. Милосављев и натаму е единствената опција меѓу диреците, додека Глеб Калараш официјално од понеделникот е нов вардарец.

„Претсезонскиот период не ни е наклонет. За старт имавме проблеми што немавме класичен дефанзивец и бевме само со еден голман. Сега со доаѓањето на Калараш го имаме тој играч во ротацијата, но загубивме четири недели, тоа е проблем. Ќе мора многу да работиме за да ја подобриме дефанзивата. Загубивме драгоцено време", констатира вардаровиот стратег, Роберто Парондо.

И покрај бројните проблеми во таборот на македонскиот шампион гледаат со голем оптимизам...

„Во Крањска Гора петмина имаа температура, потоа останавме без Карачиќ, кој веќе трета недела не тренира и не знаеме дали ќе патува со нас или ќе остане во Скопје да работи сам. Прави терапии, но се жали на болка, а нема логика да патува со нас ако не може да игра. Среќа Горбок се врати, се е ОК со него. Мораес и Борозан се жалат на проблеми...

Тешко е да се воигра екипата. Имаме само еден голман на кој може да сметаме. Многу проблеми, но мора да гледаме напред и да се подготвуваме најдобро што можеме за сезоната која стартува следната недела", се труди да остане оптимист Парондо.

Најново во Ракомет