ОД АНОНИМУС ДО НОВ МИЛЕНИК НА ВАРДАРОВИТЕ ФАНОВИ

Милосављев: Сите се плашеа, но кога играш за Вардар - срцето го победува стравот

„Јас сум млад, сите се плашеа... Но, поддршката од соиграчите, од Периќ, од публиката која дава 'ветер во грб', тие се причината за мојата храброст" вели ардаровиот голман

објавено: 11 октомври 2018 - 17:00

Весна Николовска

Големината не се мери според името, туку според делата, а на 22-годишниот Дејан Милосављев му беа доволни само четири недели за на дело да ја покаже својата големина. Стравувањата дека голот на македонскиот првак Вардар ќе биде ранлив по заминувањето на голманскиот тандем Штербик – Милиќ пропаднаа во вода, а вардаровите фанови добија нов миленик. Српскиот репрезентативец во „црвено-црните" редови дојде како анонимус и требаше да биде поддршка меѓу диреците, а преку ноќ стана прв голман и нов херој.

*Се се случи премногу брзо за тебе, од резерва стана прва опција, но и еден од клучните играчи на Вардар. Како успеја да го изведеш тоа?

„Кога дојдов во Вардар знаев дека ќе бидам втор голман, замена, за тоа се подготвував, да му помогнам на Милиќ, кој за жал си замина. Преку ноќ се случи да бидам прв голман, во еден тежок момент кога сите добри голмани имаат клубови, кога клубот не може да најде искусен голман. Јас сум млад, сите се плашеа... Но за се ова што се случува, за мојата глава и за тоа како јас се снајдов во оваа ситуација заслужна е цела екипа, сите играчи, поддршката која ја имав од нив и комуникацијата и тренерот на голманите, Дејан Периќ. Неговиот став и неговата приказна, дека сè ова е на едно повисоко ниво, но дека е тоа ракометот кој јас го знам и го имам квалитетот тоа да го одработам. Дека со добра подготовка, добар тренинг јас можам да се подготвам за предизвикот и тоа да биде добро. Најважно беше да верувам дека можам. Да не влегувам во натпревар со предрасуди и да мислам што ќе биде, туку да го одработам тоа што го знам. Послушав голем дел од неговите совети. Да ги послушав сите ќе бев уште подобар, но за тоа треба време. Засега оди како треба и среќен сум."

*По нешто повеќе од два месеци во Скопје и во Вардар го чувствуваш ли значењето на зборовите „црвено-црно" семејство?

„Воодушевен сум како луѓето ме прифатија тука. Јас сум, реално, странец, но сум поблизу до Македонија од некои други играчи, Србин, па сме ист менталитет. Луѓето ме прифатија неверојатно добро и многу сум благодарен поради тоа. Од натпревар во натпревар гледам како луѓето веруваат во мене и ако ми тргне лошо тука се да дадат поддршка, да ме туркаат, да ти дадат „ветер" во грбот за да продолжиш понатаму и секако тука ќе бидам и јас за нив.
Мислам дека тоа е една голема предност за Вардар, што кога ќе дојдеш тука веднаш си одлично прифатен и добиваш совети како да си десет години во тимот. Соиграчите зборуваат со тебе, те советуваат... ме прашуваат дали сум добро, како сум се адаптирал, дали ми треба нешто... Знаете сепак ова е за мене се ново. Првпат сум надвор од дома, се е на едно повисоко ниво и навистина годи удобноста која ја нуди средината."

*Вардар перфектно ја отвори сезоната, четири победи во низа. Го очекуваше ли тоа?

„Никој не очекуваше „четири од четири". Во ракометната јавност никој не веруваше дека Вардар ќе ја отвори вака сезоната во Лигата на шампионите. Мислам дека сите не сметаа за аутсајдер. Дури верувам дека многумина мислеа дека ќе загубиме и од РНЛ. Но оваа екипа покажа голем потенцијал и дека секој играч живее да победи. Секој играч го дава последниот атом од себе... многумина од нас беа повредени, но стиснаа заби затоа што луѓето кои ја полнат арената заслужуваат да видат таква беспоштедна борба и да видат како овој тим гине за „црвено-црната" боја. Верувам дека така ќе биде цела сезона."

*Против РНЛ, како и на претходните три натпревари се покажа како еден од клучните играчи за победа...

„Против РНЛ не започнав на потребното ниво, имаше и тешки топки, се барав цел меч, но се најдов на крај на натпреварот и мислам дека живеев за тоа да одбранам, да врзам две-три интервенции во низа и да му помогнам на тимот.
Публика ме мотивираше затоа што во ниту еден момент не се откажа од мене. И кога бранев лошо, тие даваа поддршка, како да велеа 'ајде одиме понатаму'. Мислам дека за сè им вратив во финишот на натпреварот. На крајот се излезе како треба."

*Викендов имаше шанса во полно светло да ја почувствуваш атмосферата во „Јане Сандански". Импресионираат, мотивираат полните трибини?

„Како изгледа пеколна атмосфера во 'Јане Сандански' имав гледано само на телевизија, но немав почувствувано такво нешто никогаш. Кога бевме во Веспрем, атмосферата беше неверојатна – сите велат дека тоа е најдобрата атмосфера во Европа за играње. На загревање во Веспрем ми рекоа, ќе видиш кога ќе играме дома против РНЛ, Барселона, Келце... дека е подобро од Веспрем. И можам да потврдам дека е 100посто подобро. Во Веспрем навивањето е стандардно труби, аплаузи..., а во Скопје луѓето навиваат со срце, го поздравуваат секој гол, секоја одбрана. Со срце се навива за клубот, сите се како еден."

*Како за старт блескаш, што може друго да очекуваме од тебе?

„Тргна добро, но можам уште повеќе. На тренинг ги наоѓам своите грешки, работам со тренерот и со соиграчите да се подобрам... Сè е промногу брзо и набиено, натпревар за натпревар во СЕХА-лига, во Лигата на шампионите и немам време да ги корегирам грешките. Најважно е дека работам на себе и ќе се трудат на секој следен натпревар да бидам што подобар."

Најново во Ракомет