НАЈДОБРИОТ МАКЕДОНСКИ РАКОМЕТАР ГО АНАЛИЗИРА Ф4

ЛАЗАРОВ: Не силата, туку тактиката носи титула во ЛШ

„Ракометот оди многу напред. Само интелигентните и паметните можат да го следат тоа. Не победуваат најсилните, туку оние со најдобри стратегии“, истакна Лазаров

објавено: 27 мај 2018 - 21:21

Најдобриот македонски ракометар Кирил Лазаров и неговиот Нант завршија како финалисти на премиерата на Ф4 во Келн во Лигата на шампионите.

За разлика од неговите соиграчи Лазаров има искуство на вакви големи натпревари, па затоа потенцираше дека и ова е успех.

„Тешко е да се играат ваквите турнири, сите доаѓаат со амбиции да ја освојат титулата. Размислуваш, тренираш и живееш за ова. Затоа работиме и тренираме цела сезона, за да бидеме тука. Некогаш во животот треба да се биде реален и Монпеље заслужи да биде првак. Го победија Флензбург, претходно Барселона, го победија и Вардар, имаат одлична сезона и во Франција, една од најсилните првенства во Европа и мора да им се честита.
Ние се држевме во поголем дел од мечот, ни фалеше тоа мало искуство, но моите играчи за првпат играат на ваков дуел, дел од нив за првпат и во Лигата на шампионите. Секое искуство се плаќа. Можеби за Нант како клуб што треба да расте, можеби не е добро да освои титула уште во првата година. Замислете тука не се ниту Барселона, Флензбург, Киелце, Веспрем, не дојдоа овде, а камоли да играат финале. Моите колеги ќе преспијат и ќе сфатат дека ова е успех. Кога дојдов во Нант амбициите беа само да ја поминеме групата, но сега направивме голем чекор напред. Би требало да останеме позитивни и компететивни следната сезона", вели Лазаров.

Освојувач на ЛШ е Монпелје екипа која сезоната ја стартуваше од групите Ц и Д. Втора година во низа во Келн нема ниту германски екипи, а Лазаров смета дека тоа е поради динамиката која го следи ракометот.

„Ракометот оди многу напред. Само интелигентните и паметните можат да го следат тоа. Треба да имаш добра селекција на играчи за системот кој што го играш, да имаш голем фонд на играчи, веќе не постојат фаворити. Не победуваат најсилните, туку оние со најдобри стратегии", завршува најдобриот македонски ракометар.

 

Најново во Ракомет