СЕГА ПОБЕДИЈА СРЕДЕ СКОПЈЕ АМА ПРЕД ПРАЗНИ ТРИБИНИ

Каде сте ВАРДАРЦИ?

Во последните неколку години не се памети ваква мизерна посетеност на еден меч од Лигата на шампионите кога игра Вардар.

објавено: 22 септември 2018 - 19:32

По големата победа на Вардар на гостувањето кај Монпелје во првото коло, фановите на социјалните мрежи испратија голем број критики оти МРТВ од оваа сезона одлучи да не ги откупи правата за ТВ-пренос на мечевите од Лигата на шампионите, како и до останатите телевизиски куќи кои исто така не беа заинтересирани.

Читајќи ги коментарите добивме впечаток дека навивачите на „црвено-црните" буквално „горат" од желба на дело да го видат новиот состав. Но, по само седум дена, поточно денеска нивното „силење" падна во вода.

Вардар во првиот меч пред домашната публика имаше поддршка од околу 2.000 фанови, слика на која дефинитивно не сме навикнати, вулканот „Јане Сандански" секогаш бил исполнет до последното место. Можеби Кристијанштад не е Барселона. Но, 2.000 фанови...и тоа по победата над Монпелје и одличниот старт во СЕХА-лига?

Се прашуваме каде се оние големи фанови на Вардар, оние кои се најгласни, оние кои од срцето навиваа за „црвено-црните"?

Проблем сигурно не треба да биде заминување на Раул Гонзалез, Арпад Штербик, Лука Циндиќ...и да не ги набројуваме сите, оти Вардар се сакал во добро и во лошо...Но, вечерва вие големи ВАРДАРЦИ потфрливте.

Дејан Милосављев по Монпелје изјави дека едвај чека да игра пред домашна публика: „Колегите ми кажаа дека не можеш да ги слушнеш сопствените мисли, толку била добра атмосферата во Скопје".

Епа Дејане, ќе мора да почекаш за оваа атмосфера, треба да дојде Барса или пак друг клуб, тогаш и „шминкерите“ ќе се средат и ќе дојдат да навиваат за Вардар.

п.с.: Честитки за оние 2.000 навивачи кои дојдоа и гласно навиваа како во салата да имаше 4.000 фанови...

Најново во Ракомет