ЗА ТРЕНЕРОТ ПАРОНДО ОВА Е ВАЖЕН НАТПРЕВАР ВО ЛШ

Дибиров: Лани имавме проблеми со Кристијанштад, кикс може скапо да не чини!

Денеска се одржа прес-конференција пред натпреварот од второто коло во Лигата на шампионите против Кристијанштад. Дуелот против Швеѓаните е закажан за в сабота, 22 септември во 17:30 часот во СЦ „Јане Сандански" - Скопје.

објавено: 20 септември 2018 - 12:45

Своите очекувања во пресрет на следниот дуел во ЛШ ги сподели тренерот на македонскиот шампион Роберто Гарсија и левото руско крило Тимур Дибиров.

Тренерот на Вардар, Роберто Гарсија:

„Важен натпревар за нас. Прв на домашен терен. Играме против добар противник, Кристијанштад. Мора да играме добро, силно, фокусирано 60 минути, со висок интензитет и да го добиеме овој меч".

Ракометарот на Вардар, Тимур Дибиров:

„Монпелје го оставаме зад себе и се фокусираме на она што ни претстои - Кристијанштад. Лани имавме проблеми со нив, играат различен ракомет, брз, интензивен, со многу контри. Паметам дека и РНЛ и Пик Сегед губеа од нив. Мора да играме со многу почит и кикс може скапо да не чини, бидејќи секој бод е многу важен во групната фаза".

Во рамките од групата А на стартот „црвено-црните" триумфираа над актуелниот бранител на трофејот во ЛШ, Монпелје (24:27), а Кристијанштад загуби на домашен терен од белорускиот Мешков Брест (30:32).

ПОВЕЌЕ ИНФОРМАЦИИ ОКОЛУ ЦЕНИТЕ НА ВЛЕЗНИЦИТЕ ЗА МЕЧОТ ВАРДАР-КРИСТИЈАНШТАД ТУКА

Најново во Ракомет