МНОГУ ПОДОБРА ИГРА НА „ХЕИДЕ КУПОТ“ ВО ГЕРМАНИЈА (31-24)

КАКО БРЗ ВОЗ: „Црвено-црните“ го прегазија актуелниот шампион на ЕХФ Купот!

За разлика од вчерашниот меч на стартот кога загубија од Хамбург, денеска поинаква слика од страна на македонските шампиони. На турнирот „Хеиде Куп" што се одржува во Германија, избранците на Парондо забележаа висока победа против актуелниот освојувач на ЕХФ купот, тимот на Фуксе Берлин со 31:24.

објавено: 11 август 2018 - 16:43

Противникот имаше константно водство, кое не беше поголемо од два гола. Како одминуваше првото полувреме, иззбраниците на Парондо заиграа подобро, како во нападот, така и во одбраната. Израмнување се случи во 17 минута, кога погоди Дибиров од контра напад. Стратегот од клупата на „црвено-црните" ротираше со својот состав, во кој повторно не беше Игор Карачиќ.

Благодарение на погодокот на Шишкарев, за прв пат на мечот, Вардар беше во водство од 12:11 во 24. минута од средбата и истото успева да го зачува до крајот на натпреварот. Во последниот напад беше одлично одработена една акција, кога топката помина низ неколку играчи, за завршниот удар од десната крилна позиција во гол да го претвори Шишкарев за 15:13 после првите 30 минути.

Истата позитива ја имаа Вардарци и по седум минути игра во вториот дел, кога погоди новото засилување, Кисељев додека неговиот сонародник од руската репрезентација, Дибиров не успеа да реализира пенал за плус три, а на голот пак, Милосављев му брани зицер удар на Линдберг и спречи израмнување на резултатот.

Само три постигнати голови за Берлин по 14 минути игра во второто полувреме, што беше знак за нивниот тренер да повика минута одмор, пред тоа Дибиров погодува за 20:16. Скубе е „магионичар" за асистенции, а тоа го докажа уште еднаш за цепелин акција со Дибиров, додека Борозан продолжуваше да го полни голот на „лисиците" и да донесе највисоки пет голови водство (22:17).

Вардар си поигруваше со противникот, не знаеше каде е актуелниот освојувач на ЕХФ Купот, Горбок со топовски удар носи уште поголемо водство од 28:19 на шест минути пред крајот, а на голманската позиција шанса доби и младиот Андреј Петковски кој успеа потоа да брани зицер удар. Уште една вардарова надеж беше на теренот, станува збор за Марко Мишевски кој погоди од седум метри. На крајот голема победа на Вардар, изразена со резултат 31:24.

Најефикасен во редовите на Вардар беше Дибиров со седум голови, следен од Кристопанс кој забележа шест, а голманот Милосављев имаше 10 одбрани.

Најново во Ракомет