МАКЕДОНСКИОТ ТИМ ДОБИ ШВАЈЦАРСКИ ПРОТИВНИК ВО 3. КОЛО

ЕХФ КУП: Еурофарм Работник преку Берн бара европска пролет

Швајцарскиот претставник Берн е ривалот на „фармацевтите“ во последниот филтер за пласман во групната фаза во ЕХФ купот.

објавено: 16 октомври 2018 - 11:14

Швајцарскиот претставник Берн е противникот на Еурофарм Работник во третото квалификациско коло од ЕХФ купот.

Берн е тим кој трета година во низа е дел од ЕХФ купот, но исто како и Еурофарм Работник премиерно ќе игра во третото коло.

Швајцарците сезонава стартуваа од првото коло, но успеаја да ги минат првите две пречки, Полва Сервити во првото коло, односно руски Спартак во второто и да се најдат на чекор до групната фаза.

Станува збор за тим чија бековска линија ја држат интернационалци, односно Германец, Португалец и Чех, додека босанскиот интернационалец Един Татар го имаат на голот.

Со оглед на квалитетот на ривалот „фармацевтите“ ќе имаат одлична шанса да дојдат до историски клупски успех.

Првиот натпревар Еурофарм Работник ќе го одигра во Битола, викендот 17/18 ноември, додека една недела подоцна (24/25 ноември) се игра реваншот.

Победникот од овој двомеч ќе обезбеди пласман во групната фаза од ЕХФ купот, која започнува на 9 февруари следната година.

 

 

 

Најново во Ракомет