Прв натпревар во Супер лигата во 2014

Зомимак продолжи каде што застана - триумф кај младите „металурзи“

Во заостанатиот меч од 12. коло, Зомимак беше убедлив против Металург јуниор, во Автокоманда, со 34-24

објавено: 7 март 2014 - 01:17

Ракометната Супер лига продолжи, но не со натпревар од пролетниот дел од сезоната, туку со заостанатата средба од 12. коло меѓу Зомимак и Металург јуниор. Иако домаќин беше скопскиот тим, струмичани не дозволија изненадување и славеа со убедливи 34-24.

На полувреме Зомимак водеше со 17-11, а највисоката предност ја имаше во 52. минута, со 31-19. Прв индивидуалец на мечот беше искусниот Грузиец Реваз Чантурија со 10 постигнати гола, а добар настап имаше и вториот голман на „рисовите“, Александар Стојановски. Ова претставуваше и деби како прв тренер за Марјан Андонов, откако досегашниот предводник, Димитар Пандев, беше преместен во младинската школа.

Ова беше како загревање за вистинскиот почеток на пролетната полусезона, в недела, со 15. коло, во кое Зомимак го пречекува Овче Поле, а Металург - Пелистер. На табелата струмичани имаат максимален ефект, со 14 победи.

Најново во Ракомет