ХРВАТОТ МОРАШЕ ДА ОСТАНЕ ВО СКОПЈЕ

Вардар без Карачиќ во Стразбур

„Играме силен турнир против одлични ривали, а ние ќе се воигруваме. Лошото е што кога се игра со квалитетни противници не можеш да експериментираш и да пробуваш работи, туку да го играш она што веќе го знаеш и што функционира“, вели Парондо. 

објавено: 23 август 2018 - 11:35

Последната проверка на силата пред официјалниот почеток на сезоната македонскиот првак Вардар ќе ја има викендов на силниот турнир во Стразбург, Франција. Стартот на турнирот е попладнево, но со оглед на тоа дека „црвено-црните" се слободни во првото коло, тие денеска по утринскиот тренинг заминуваат за Базел, а од таму до крајната дестинација.

Стратегот Роберто Парондо одново на располагање нема да го има комплетниот тим. Игор Карачиќ не патува , а Вуко Борозан и Рожерио Мораес имаат проблеми со болки во колено. Глеб Калараш на овој турнир треба да покаже како ќе се вклопи во „црвено-црните" редови.

„Резултатот и на овој турнир е во втор план. Следната недела кога ќе почнат натпреварите во СЕХА лигата, на тие официјални дуели ќе бараме резултат. На турнирот сакам да пробам неколку комбинации, како Калараш ќе се вклопи во тимот, ќе работиме на системот, на трансформација на одбраната 6-0, 5-1 и како Глеб ќе се најде во сето тоа. Функционирањето на линиите е многу важно.
Но ќе биде тешко. Играме силен турнир против одлични ривали, а ние ќе се воигруваме. Лошото е што кога се игра со квалитетни противници не можеш да експериментираш и да пробуваш работи, туку да го играш она што веќе го знаеш и што функционира. Бидејќи ние немаме време и ќе мора и да комбинираме, да видиме како Глеб ќе ротира со Самба, секако доколку тој може да игра, како ќе биде со Борозан и Кристопанс во дефанзивата, но одново и Вуко ако може да игра... Ќе работам со она што ќе имам на располагање", потенцира вардаровиот стратег пред главната проверка пред новата сезона.

Вардар напладне заминува за Стразбург, а веќе утре ќе ги одмери силите со Раул Гонзалез и неговиот ПСЖ.

Најново во Ракомет