Нов ракометар во Автокоманда

Талентираниот Црногорец Вуко Борозан го засилува Металург

Втор играч од Карловац доаѓа кај Лино Червар за два месеци, откако претходно и Лука Циндриќ го засили тимот од Автокоманда

објавено: 2 март 2014 - 00:44

Младиот и талентиран црногорски репрезентативец Вуко Борозан (20) стана нов член на Металург, каде треба да остане следните двеипол години. Борозан во Металург доаѓа од хрватски Карловац.

Корпулентниот Борозан (203 см и 105 кг) важи за еден од најталентираните млади ракометари во Европа, игра на позиција лев бек. Во тековното првенство на Хрватска Борозан постигна 79 гола од 147 обиди, од нив дури 68 гола со удари од 9 м.

На последните две средби од Челинџ Купот, Борозан постигна вкупно 18 гола против Металопластика. За репрезентацијата на Црна Гора дебитираше на ЕП во Данска во јануари кога постигна гол против Шведска.

- Среќен сум што станав дел од ракометното семејството на Металург, а чест ми е што тренер ќе ми биде еден од најдобрите стратези во Европа, Лино Червар. Доаѓањето во Металург за мене претставува голем чекор, но и голема одговорност , затоа што ќе играм во клуб, кој се повеќе значи како име во ракометна Европа. Mногу ми е мило што како соиграч повторно ќе го имам Лука Циндриќ, со кого пред извесен период бевме дел од екипата на Карловац, изјави младиот црногорски лев бек, Вуко Борозан, по потпишувањето на договорот со Металург.

Најново во Ракомет