ДВАТА НАЈДОБРИ МАКЕДОНСКИ ТИМА ВО ДУЕЛ ЗА ПРВИОТ ТРОФЕЈ

Супер куп на Македонија, прва рунда Вардар – Металург

*Во второто издание на Супер купот „црвено-црните" се бранители, Металург во веќе стандардна улога, на предизвикувач

објавено: 18 август 2018 - 15:00

Првата рунда од новата борба меѓу двата најдобри македонски тима Вардар и Металург е закажана за вечерва, 21:15 часот на отвореното игралиште на „Женска плажа" во Струга. Новата сезона не можеше подобро да стартува, со големо дерби меѓу „црвено-црните" и „металурзите", но од друга страна реално прашање е колку навистина и едните и другите ќе имаат да покажат и да понудат во оваа увертира.

Вардарци можеби се во мала предност со оглед на тоа дека веќе 20-тина дена се во тренажен процес, а одиграа и три пријателски натпревари. За разлика од нив Металург, кој е без главниот стратег Данило Брестовац (настап на ЕХФ Шампионатот со кадетскиот национален тим) ќе се „симне" од Бистра, односно Маврово каде изминативе десетина дена имаше висински подготовки.

Дополнителен момент во пресрет на дуелот е и ситуацијата со лиценцираните странски играчи, односно дали двата клуба ќе ги испочитуваат пропозициите и ќе ги подмират обврските кои ќе им овозможат со полна сила да влезат во првото „мерење на силата" сезонава.

Според најавите можно е Металург да се потпре на домашен погон, односно без Јагањац, Токиќ и новајлиите Миличевиќ, Мијатовиќ и Ќерими, кои ќе мора да се стрпат до првиот регионален дуел за да го почувствуваат ривалитетот со Вардар.
„Црвено-црните", кои имаат право со десет странски играчи да бидат во составот, нема да сметаат на плејмејкерот Игор Карачиќ, кој поради повреда ќе одмора и на првиот официјален натпревар сезонава.

Но со тимот ќе биде и најновото играчко засилување, Глеб Калараш. Рускиот пивот ќе биде на клупата за резервни играчи, но јасно е, вечерва нема да ги одигра првите минути во дресот со „црвено-црна“ комбинација. 
Супер купот на Македонија премиерно е дел од најстарата македонска ракометна манифестација, Струшкиот турнир и ќе претставува главна увертира за возбудувањата од последниот ден.

Најново во Ракомет