СРПСКИОТ ТАНДЕМ ЌЕ ЈА ЧУВА МРЕЖАТА НА ВАРДАР

ПРОБЛЕМ НА СТАРТОТ: Парондо до ноември со двајца голмани

Операција на коленото е причината поради која Даниел Ѓорѓески ќе ги пропушти првите месеци од новата сезона.

објавено: 19 јули 2018 - 09:34

Македонецот на вардаровиот гол, Даниел Ѓорѓески ќе биде недостапен до ноември, откако голманот на крајот на минатиот месец направи операција на коленото.

Станува збор за стара повреда, од пред година дена кога тој се повреди на натпревар од СЕХА-лигата со Извиѓач.

„Направив операција на коленото. Имав проблем со менискусот, но беше потребно да се интервенира и на предниот вкрстен лигамент, па поради тоа рехабилитацијата ќе оди побавно. На располагање за натпревари се надевам дека ќе бидам подготвен во ноември. Веќе сум во процес на рехабилитација и вежби за враќање на мускулатурата, а од почетокот на следниот месец ќе почнам со терапии и ќе можам полека да влезам во вежбалница.
Во договор со клубот одлучивме да го искористиме летниот период да ја санирам повредата и да можам да се вратам и да бидам комплетно подготвен за сезоната", ни објасни вардаровиот голман Даниел Ѓорѓески.

СтратеготРоберто Парондо ќе има на располагање само двајца голмани, Страхиња Милиќ и новајлијата Дејан Милосављев во подготвителниот период, но и во воведните два-три месеци од новата сезона. 

Вардар подготовките за новата сезона ги започнува на 24 јули во СЦ „Јане Сандански".

Најново во Ракомет