ШПАНЕЦОТ НЕМА ДА БИДЕ САМ НА КЛУПАТА НА ВАРДАР

Парондо го чека асистентот

Стратегот знае кој сака да му биде десна рака, но чека „зелено светло" од сопственикот на клубот.

објавено: 30 јули 2018 - 17:20

Вардарци ја почнаа сезоната некомплетни, им недостасуваше еден играч во ротацијата, односно од минатата недела станаа двајца, откако клубот и Страхиња Милиќ спогодбено ја раскинаа соработката. Но „дупки" има не само во екипата, туку и на клупата.

Тренерот Роберто Парондо во моментов е без асистент, а во тренажниот процес ја има поддршката од тренерот на голманите Дејан Периќ, како и кондицискиот тренер Даниел Јуришиќ.

Сепак Шпанецот нема да остане сам на клупата на „црвено-црните" и се чека во секој момент да добие шанса да го презентира својот помошник.

„Нема да бидам сам на клупата. Знам кој сакам да ми биде помошник, но чекам деталите да бидат договорени со сопственикот на клубот за да може тој да ми се приклучи", кусо информираше Роберто Парондо, притоа не сакајќи да открие дали нов Шпанец ќе му прави друштво на клупата или, пак, изборот ќе биде на македонски тренер.

Вардар во средината на оваа недела патува за Крањска Гора, Словенија, каде ќе одработи дел од подготовките за новата сезона, а од таму ќе го има првиот тест на „Хејде купот" во Германија.

Најново во Ракомет