БЕЗ ПОБЕДНИК НА ДУЕЛОТ ВО СТРАЗБУР

МИРОЉУБИВО РЕМИ: Вардар не ја сочува предноста од седум гола, на крајот се спасуваше

И покрај одличната игра и предноста од седум гола во првото полувреме, Вардар не успеа да слави на дуелот со ПСЖ. На крајот пресметката со екс-стратегот на македонскиот тим заврши без победник 33-33.

објавено: 24 август 2018 - 22:14

Штета, голема штета. Вардар го имаше во раце ПСЖ и Раул Гонзалез, но се чини бројните проблеми во подготвителниот период со повредите, на крајот си го стори своето. Дуелот во Стразбур кој беше во центарот на вниманието во целата ракометна јавност заврши без победник 33-33 (20-14) и покрај тоа што македонскиот тим имаше и предност од седум гола. 

Одлично прво полувреме на македонскиот тим против „светците". Роберто Гарсија Парондо и тоа како го надмудри својот учител, Раул Гонзалез. Вардар тргна сигурно, поведе со 3-1. Во деветата минута беше 6-2. Со серија од од 4-0, Вардар поведе со највисоки 13-6 во овој дел од мечот.

Раул, сепак успеа на момент да го разниша темпото, ПСЖ набрзина постигна три гола и се доближи на 13-10. Момците во „црвено-црно" брзо се врати во ритам во 28. минута ги врати највисоките плус седум (20-13). Пред истекот на првото полувреме, францускиот тим намали на 20-14.

Во овој дел од мечот, Дејан Милосављев имаше осум интервенции, додека Дибиров имаше шест погодоци, два помалку имаше Горбок.

Во првото полувреме капитенот, Стојанче Стоилов ја повреди дланката при еден дуел со Лука Карабатиќ.

По одморот ПСЖ влезе со два гола во серија (16-20), недоволно за да ги збуни вардарци, кои успеваа да ја сочуваат предноста од четири гола (25-19) во 39. минута. Мрежите на двете страни мируваа четири минути, ПСЖ со серија од 3-0 се доближи на 25-22 во 45. минута. „Црвено-црните" го прекинаа налетот на противникот, зголемија на 26-22.

Французите на шест минути до крајот сепак успеаја посериозно да се заканат, се три гола во серија намалија на еден гол 28-29, 29-31, благодарение на браќата Лука и Никола Карабатиќ, кои најавија драма. Во 57. минута ПСЖ успеа да израмни на 31-31 и 32-32 (Сагосен и Ремили беа стрелци на головите).

Македонскиот првак промаши пенал, а на другата страна стигна казна, ПСЖ за првпат во 59. минута поведе со 32-33 со голот на Карабатиќ. Вардар успеа набрзина да израмни на 33-33. 

Вардар утре (18:15 часот) ќе ги одмери силите со Мешков Брест. 

Најново во Ракомет