ЗАСЕКОГАШ ЌЕ СЕ ПАМЕТИ МУНДИЈАЛОТ ВО РУСИЈА

Зошто ова Светско првенство е толку необично?

До крајот на планетарниот собир остануваат да се одиграат само уште четири мечеви, а веќе се постигнаа работи кои никогаш претходно не биле

објавено: 9 јули 2018 - 10:30

По речиси едномесечни возбудувања, полека доаѓа крајот на Светското првенство во Русија. Само уште четири меча остануваат да се доиграат, по што ќе биде познат новиот владетел за следните четири години. Мундијалот во Русија секако ќе биде запамтен како прв на кој беше воведена видео технологијата, како помош за судиите. 

Освен ВАР системот, има уште неколку работи кои го направија овој планетарен собир да биде посебен.

1. НАЈГОЛЕМИТЕ ТРИ РЕПРЕЗЕНТАЦИИ НЕ СЕ ВО ПОЛУФИНАЛЕТО

За прв пат по 1930 година, ниту една од трите најголеми репрезентации не е дел од полуфиналето. Само на првиот собир во 1930 година во Уругвај се случило во полуфиналето да не биде некој од Бразил, Германија или Аргентина. Четвртата голема светска велесила Италија воопшто не се пласираше на завршницата на Мундијалот.

2. ПРВИТЕ ЧЕТИРИ ВО ИЗБОРОТ ЗА „ЗЛАТНА ТОПКА“ ВЕЌЕ СЕ ДОМА

Најдобрите четири фудбалери во последниот избор за „Златна топка“ не се дел од полуфиналето. Кристијано Роналдо, Лионел Меси и Нејмар со своите селекции се елиминирани, додека џиџи Буфон воопшто со Италија не се појави во Русија. 

3. ЕВРОПА ПРВ ПАТ ЌЕ БИДЕ СО ЧЕТИРИ СВЕТСКИ ПРВАЦИ ВО НИЗА

Доминација на Европа како што ретко кога имало. Само петти пат во историјата во полуфиналето се четири селекции од „стариот континент“. Тоа значи дека сигурно шампионот ќе биде од Европа, а тоа значи дека „богињата“ не мрда од европско тло и тоа четврти Мундијал по ред. 

Во 2006 година се радуваше Италија, четири години подоцна шампион беше Шпанија, а Германија е првакот од Бразил во 2014 година. Сега ќе имаме нов планетарен владетел и тој ќе биде од Европа. 

4. СИТЕ ПОЛУФИНАЛИСТИ СЕ РАЗЛИЧНИ ОД ПРЕД ЧЕТИРИ ГОДИНИ

Ниту еден од полуфиналистите пред четири години во Бразил, не успеа повторно да се најде меѓу најдобрите четири во Русија. Бразил, Германија, Аргентина и Холандија се историја, а Франција, Белгија, Англија и Хрватска сега се во трка за трофејот. 

5. ФРАНЦИЈА ЈА БРАНИ ЧЕСТА НА „ГОЛЕМИТЕ“

Од традиционалните фаворити на СП, единствено Франција е во игра. Германија која е рекордер со 12 полуфиналиња испадна уште во групната фаза. Бразил кој има осум учества меѓу четирите најдобри си замина по четвртфиналето, додека Италија која има 7 полуфиналиња, воопшто не избори пласман на завршницата. Франција сега по шести пат ќе биде дел од завршницата и борбата за медали. 

Најново во Меѓународен Фудбал